Македонија
13. January 2024 - 16:34

Иницијатива Кожуф да стане национален парк

Планината Кожуф да се прогласи за национален парк. Ова го бараат повеќе граѓански организации, претставници од научната фела, но и локалните самоуправи. Покрај еколошките и планинарски здруженија, професори од Природно-математичкиот факултет, поддршка на иницијативата со свој потпис дадоа и градоначалниците на општините Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија.

Иницијативата со комплетно образложение за значењето на Кожуф и потребата од нејзино прогласување за Национален пакрк веќе е доставена и до Министерството за животна средина.

Покрај големото природно богатство со кое располага Кожуф, за екологистите причина плус за поддршка на оваа иницијатива треба да биде и фактот што позади неа освен граѓанските организации застануваат и локалните самоуправи и научната фела.

Сметаат дека на овој начин не само што ќе се заштити оваа исклучително природно богатство, туку ќе придонесе и за голем економско-социјален развој и подем на регионот и државата во целина.

Според најавите, во текот на оваа година ќе биде формирано тело за координација на активностите околу изработката на студијата за валоризација на националниот парк. Документот ќе се работи во период од 2 до 3 години по што ќе биде доставен до МЖСПП, а потоа и до Владата која треба да го испрати како предлог до Собранието на Македонија за прогласување на планината Кожуф за национален парк.