Македонија
12. January 2026 - 9:14

Информација од ЦУК за состојбата по обилните врнежи

Центарот за управување со кризи во информација за состојбата по обилните врнежи на територијата на државава заклучно со 8 часот изутринава информира дека  во Пелагониски регион (Битола, Могила и Новаци) во подрачјата каде што имаше излевање на реките, водата постепено се повлекува од поплавените површини. Нивото на река Црна кај село Новаци во 18:00 часот синоќа изнесувало 320 сантиметри. 

Во Демир Хисар поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај. Реките се вратени во своите корита, освен реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде сè уште има излевање и се поплавени поголеми земјоделски површини.
Во Ресен, како последица на поројните врнежи, поплавени се земјоделски површини, но водата постепено се повлекува, откако вчера интервенирано е со една градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.

Во Југозападниот регион, во Охрид, на реката Сушица изграден е заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошното излевање. Сè уште има поплавени подрумски простории и дворови на повеќе локации. Во струшкото село Мислешево поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини. Процесот на санација е отежнат поради неможност за изведување на пропуст за истек на водата. Во Калишта има поплавени дворови и подрумски простории и се преземаат дополнителни мерки за санација и заштита на населението.

ЦУК информира дека во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање. Патните правци се проодни, со помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга кои редовно се расчистуваат.

Во Западниот регион, во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување на поплавените домови, дезинфекција и создавање минимални услови за престој. Евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им е обезбедена неопходна грижа.

Во Вардарскиот регион, во Кавадарци, во ридско-планинските подрачја интервенирано е со механизација на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава, каде снежната покривка изнесува до 15 сантиметри. 

Во Североисточниот регион, во Ранковце, патниот правец с. П’клиште – с. Герман е непрооден поради снежни наноси. Во тек е расчистување. Патот од с. Герман до с. П’клиште е со кашест снег што го отежнува сообраќајот.

Во Полошкиот регион, воТетово, на патниот правец Тетово – с. Бањиче, имало падната голема карпа на коловозот. Патот е расчистен и сообраќајот е нормализиран, а во Гостивар, на патот кон  Маврово, кај каменоломот, е евидентиран одрон и се преземаат активности за негово расчистување.

МИА