Бизнис
30. јуни 2017 - 20:44

Индустриското производство порасна за прв пат годинава

По четири месеци опаѓање, индустриското производство во мај го остварило првиот раст за оваа година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, производството во мај се зголемило за 9.2 проценти во однос на истиот месец лани.

Раст бележат трите сектори: рударство, преработувачка индустрија и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Кај преработувачката индустрија растот се темели на зголемено производство кај прехранбените производи, пијалоците, тутунските производи, текстилот, како и во други оддели.

По индустриски групи, најголем раст има кај капиталните производи од 23,5%.

Некои од најголемите чинители на растот се компаниите на странските инвеститори во зоните. Економскиот тим на владата најави дека поддршката кон нив ќе продолжи, но и дека ќе се условува со пооглема соработка со домашните добавувачи.

- Ако ги растете само странските инвестиции, а не и македонската економија, тој модел не може да биде издржлив на долг рок. Сите странски инвеститори треба да бидат максимално заштитени, да се чувствуваат и да работат комфорно. Сите се добредојдени, но битна е многу интеракцијата меѓу нив и македонското стопанство, рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Со оглед на континуираното намалување пред мај, просекот на индустријата за петте месеци од годината е раст од 0,6%.

Претставниците на владата порачаа дека ќе работат на подобрување на условите за бизнис и ефикасноста на институциите, како и на навремено сервисирање на обврските кон стопанството со цел да ја заживеат економијата.