Македонија
17. May 2025 - 16:39

Инциденцата и преваленцата на малигни заболувања кај пациентите од истокот е во пораст

Инциденцата на малигни заболувања е во пораст, што се огледа во над 4000 прегледи годишно на одделението за онкологија при штипска Клиничка болница, единствено во источниот регион, кое покрива еквивалент 300 000 жители. Во однос на локализациите, најчесто се работи за карцином на дојка, бели дробови, дигестивниот тракт, а загрижувачки е фактот што во пораст е малигниот меланом на кожата, најверојатно поради недоволната заштита од сончевото зрачење. 

- Значи, инциденцата и на млади пациенти, за жал, се зголемува, односно, се намалува возрасната граница во однос на сите типови карциноми, не одделни. Меѓутоа, инциденцата да, се зголемува, но и преваленцата, а тоа е бројот на сите заболени. Тоа е така, но во позитивна смисла имаме и напредок во лекувањето и на тој начин имаме и продолжување на животот на овие пациенти, изјави д-р Марија Караколевска, одделение за онкологија, КБ-Штип

Според д-р Караколевска, превенцијата и следењето на скрининг програмите се основен предуслов за намалување на малигните заболувања. 

- Овде треба да работи примарната здравствена заштита, да се подигне свеста и значењето на скрининг програмите, бидејќи тоа се програми токму да се дијагностицира карциномот, да се фати во најраниот стадиум кога излекувањето е 90%. Знали во тие 100 000 пациенти опфатени во скрининг програмата и 1 пациент да се фати во ран стадиум е 100% за тој 1 пациент, додаде д-р Караколевска

Населението мора да биде и здравствено едуцирано за првичните симптоми кои укажуваат дека се работи за малигно заболување, а уште поважни се контролните прегледи. - д-р Марија Караколевска, одделение за онкологија, КБ-Штип.