Македонија
24. September 2021 - 16:48

Имунолозите препорачуваат трета доза за сите кои добиле кинески вакцини

Трета доза Фајзер против Ковид треба да се препорача и за граѓаните кои претходно примиле кинески вакцини, покрај лицата над 60 години, здравствените работници и пациентите со имунолошки заболувања, смета доктор Теодора Брњарчевска од Институтот за имунологија. Таа вели дека дека мешањето на вакцините не претставува никаков проблем.

-Дополнително тоа е поткрепено и со високата ефикасност на Фајзер вакцината. И самата вакцина е потентен активатор на имуниот систем за разлика ако земеме споредба со векторските вакцини, каде би користеле ист вирус како вектор, ниа тука може и да немаме ефект од трета доза доколку вакви вакцини користиме како трета доза. Може имуниот систем со имунитетот створен кон тој вирусен вектор да ја уништи вакцината без таа да ја направи потребната стимулација со спајк протеинот од корона вирусот, изјави за Сител асс. д-р Теодора Брњарчевска, од Институтот за имунобиологија и хумана генетика.

Доктор Брњарчевска вели дека различни земји препорачуваат различно време од втората до третата доза, кај некои тоа е од 8 недели кај други до 6 месеци.

-Но мислам дека 6 месеци е идеално време. И баш е оној иделален период во кој гледаме дека до 5 месеци имаме соодветна заштита и после постепено почнува да опаѓа. Тоа е и нормално со начинот на формирање на имунолошкиот систем и се очекува да се распаѓаат антителата. Третата доза ни го обновува оној имунитет кој мсе го стекнале после двете дози. Првично се покажа дека има поголема ефикасност во спречувањето на инфекции, а понатаму тие луѓе кои ќе имаат подобрен имунитет се очекува да имаат послаба клиничка слика доколку евентулано се заразат, вели д-р Брњарчевска.

Трета доза вакцина против Ковид веќе се има во Израел, Велика Британија, Сингапур, Србија, САД, Кина и во други земји.

Кај нас ќе почне да се дава од понеделник, а од втората треба да се поминати 6 месеци.