Македонија
28. September 2020 - 16:38

Имунитетот и витаминот Д клучни за борбата со корона, покажуваат научните студии

Дали витамин Д е спасот од Ковид 19? Неговата примена во третманот на пациенти со корона не е согласно медицински протоколи, но голем број светски научници тврдат дека им помага на болните полесно да оздрават. 

Во германско истражување експерти укажуваат дека кај хоспитализирани со Ковид 19 веднаш треба да им биде измерено нивото на Д витаминот. Доколку е ниско треба да ја добијат потребната доза за подобрување на клиничката слика. Иста анализа има и во Ирска каде направиле тестирање и кај лицата кои примале суплементи бил намален ризикот од респираторни инфекции. На Универзитетот во Чикаго, пак, откриле врска помеѓу недостатокот од витамин Д и заразата – Оние кои имаат дефицит на витаминот се поподложни да добијат позитивен тест на Ковид 19. И познатиот американски лекар Антони Фаучи верува во придобивките на д витаминот.

-Користењето на витамин Д има влијани врз отпорноста на инфекции. Тоа е мојата препорака, бидејќи и ијас секојдненво примам витамин Д. Друг витамин кој е корисен е витамин Ц кој е добар антиоксидант. Затоа, витамин Д и витамин С се корисни, вели др. Антони Фаучи.

И професорот Мајкл Холик од Универзитетот во Бостон укажува на поврзаноста на ниското ниво на витамин Д и високата стапка на разни болести. Тој пред 10 години издал и книга со препораки колкава треба да биде дневната доза укажувајќи дека лицата со прекуемерна тежина треба да земаат два до три пати повеќе од овој витамин. Холик  бил критикуван дека земал пари од индустријата за суплементи во исхраната, иако професорот останал на ставот за придобивките на витамин Д.

Недостатокот на витамин Д  според истражувањата, предизвикува забрзано стареење и сува кожа. Рутинско тестирање преку крв е методот како да дознаете дали имате недостаток на витаминот и колкава е дозата што треба да ја пиете. Но не сите медицински професионалци се соглсуваат со тоа и препорачуваат таа проверка да биде само кај специфични пациенти бидејќи премногу високи дози и суплементи може да предизвикаат дополнителни здравствени проблеми.

Иако мислењата се поделени, сепак доминираат препораките за користење на Витамин Д и Ц и здрава исхрана во борба против инфекциите, меѓу кои и Ковид 19.