Свет
28. October 2017 - 15:44

Именуван нов каталонски министер за внатрешни работи, се очекува обраќање на Пуџдемон

 Шефот на техничкиот секретаријат при шпанското Министерство за надворешни работи, Хуан Антонио Пучсервер е именуван за нов министер за внатрешни работи на Каталонија.

Таа должност претходно ја извршуваше Жоаким Форн. 

Во меѓувреме, се очекува каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон да и се обрати попладнево на јавноста од градот Жирона, кој вчера прв по прогласувањето независност го симна шпанското знаме од општинската зграда.

Откако Мадрид вчера ја презеде директната контрола врз Каталонија и ја смени владата во таа област, најголем дел од надлежностите за управување со шпанскиот регион доби шпанската вицепремиерка Сораја Саенз де Сантамарија. Таа ќе ги координира шпанските министерства кои ќе ги преземаат функциите од каталонските институции, вклучувајќи ги и за финансии и за безбедност. Де Сантамарија, исто така, ќе именува и претставници кои на дело ќе ги спроведуваат налозите од Мадрид.