Имамоглу собра над 25 милиони потписи за претседателска кандидатура, тврди опозицискиот лидер Јозел

Над 25 милиони потписи се собрани во поддршка на кандидатурата за претседател на Турција на Екрем Имамоглу, според изјавата на лидерот на главната опозициска Народната републиканска партија (НРП), Озгур Јозел.
Иако Имамоглу, поранешен градоначалник на Истанбулската метрополитeнска општина, во моментов се наоѓа во затвор во Силиври, бројот на собрани потписи достигнал 25,1 милион, изјави Јозел за телевизискиот канал „Јол ТВ“.
Како симболичен чин на поддршка, денеска во Кајсери, деветтиот по големина град во Централна Турција, пристигна камион натоварен со 25,1 милион гласачки ливчиња во поддршка на Имамоглу.
Кајсери е домаќин на седумдесет и петтиот по ред митинг од серијата протести што опозицијата ги започна на 23 март оваа година под насловот „Ја поддржуваме волјата на нацијата“. Целта на митинзите е да се издејствува ослободување од затвор на Имамоглу и на сите притворени опозициски градоначалници, јави весникот „Џумхуриет“.
Пред одржувањето на митингот, по наредба на локалните власти, биле отстранети знамињата, плакатите и другите атрибути на опозициската НРП, потврди претседателот на обласната организација Умит Озер.
– Заедно завршивме голема борба и достигнавме дваесет и пет милиони и сто илјади потписи. Овие потписи се најголемиот изгласан чин на недоверба што некогаш бил упатен кон владетел, кон претседател, во светската политичка историја. Овие потписи се најсилниот израз на демократската реакција на народот, изјави Јозел пред насобраниот народ на плоштадот, пренесе „Џумхуриет“.
Во својот говор, опозицискиот лидер објави дека еден од тајните сведоци во судскиот случај за корупција против Екрем Имамоглу – Ахмет Ташчи – доброволно го повлекол претходно дадениот исказ против Имамоглу и другите градоначалници, нагласувајќи дека „ова се методите на правдата на (владејачката) Партија на правдата и развојот (ПСР)“.
Јозел, како и на претходните митинзи, го повика турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да распише предвремени претседателски избори во согласност со волјата на народот.
– Зборувам од Кајсери. Ние сме тука, нашиот кандидат е тука, гласачката кутија е тука. Те предизвикувам, Ердоган, те предизвикувам. Те предизвикуваме од Кајсери. Ние ќе управуваме со оваа земја подобро. Ќе ги натераме сите во оваа земја да се насмевнат, порача Јозел.
МИА
Ново на Сител
-

Двојно зголемени казни за модуларната во Тетово
-

Мицотакис за протестите на земјоделците: Нема да подлегнеме на уцени од оние кои бараат, а не се подготвени на дијалог
-

Сиљановска - Давкова: Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас
-

Кривична пријава за злоупотреба на службена положба во кошаркарски клуб Куманово
-

Чекор кон развој на современа реконструктивна микрохирургија - на Клиниката за пластична хирургија извршени две сложени микрохируршки операции
-

Сиљановска - Давкова: Од успешноста на правосудните реформи ќе зависи дали нашето судство ќе има сила да каже „не“ кога политиката ќе му каже „да“
-

Трамп: Мора да го имаме Гренланд за безбедноста на САД
-

Истражување: Витаминот Ц може да ги заштити белите дробови од загадување
