Бизнис
3. March 2022 - 16:46

Имаме ли доволно стокови резерви - барањето помош од Србија отвори дилеми

Владата тврди дека српската пченица и пченка не се за надополнување на стоковите резерви, туку за покривање на потребите на трговците. Ова следи по изјавата на српскиот претседател Вучиќ, кој рече дека на барање на Македонија, Србија ќе испорача 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка.

Министерот за земјоделство вели дека тоа е редовна постапка секоја година бидејќи земјава е увозно зависна од тие производи.

„Во државата има сосема доволна количина пченица и пченка. Во домашните млинови има количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта. Споменатите количини се во годишните планови на стопанските субјекти, кои им се планирани да ги увезат до почеток на жетва, со цел како и секоја година да се покријат потребите на домашниот пазар“, напиша министерот Љупчо Николовски на својот Фејсбук.

Директорот на Агенцијата за стоковни резерви тврди дека има доволно залихи, поради што нема место за загиженост. Апелира до граѓаните да не складираат резерви.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува Владата за негрижа кон стоковите резерви, па бараат одговори што сè и колкави количини недостасуваат во државните резерви.

Лидерот на Демократски сојуз вели дека уште пред ескалација на состојбата во Украина му предложил на премиерот да се провери состојбата со државните резерви.

Во стратешкиот план за справување со кризна состојба предвидено е државата постојано да располага со минимум количини и тоа: пченица за најмалку 4 месеци, јачмен и масло за јадење за најмалку 2 месеци, готварска сол за месец и половина, горива и мазут за најмалку 5 дена, како и лекови и медицински помагала.