Македонија
25. October 2021 - 16:43

Имало ли притисоци и закани од власта и МВР - партиите со меѓусебни обвинувања

Список со возила за отстранување од сообраќајот, измислени прекршоци...ВМРО ДПМНЕ денеска објави нови вибер пораки во групата со над 40 полицајци за време на изборниот ден во Прилеп, за кои велат дека се јасни докази за злострорничко здружување.

Групата била под команда на Кире Китаноски од МВР и делувала во име на партијата на власт, а освен раководството и командирите на Прилепската полиција, во неа учествувале и лица од најблиското опкружување на Оливер Спасовски, тврдат од ВМРО ДПМНЕ.

Од презентираната комуникација се гледаат регистарски таблички на возила за кои се дава наредба да бидат отстранети од сообраќајот, под изговор дека, како што се наведува, “возат за нив”.

“Во една друга комуникација Андреј Лашкоски БПС Прилеп дава информација - Јапано вози низ Тризла сиво  комбе со такси ознака на него, на што Крајоски Александар БПС Прилеп дава насока - Ако има такси табла запрете го и барајте му лекарско. Во насоките како да се постапува со возилата предничи Дарко Цуцулоски, командир на ОВР Прилеп кој дава наредба - Ако треба измислете прекршок и отстранувајте ги, ајде остана уште малце”

Покрај ова, вибер комуникацијата покажува и дека полицајците биле задолжени и за предавање на списоци со гласачи за време на кампањата, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, втор ден ги отфрлаат обвинувањата како невистинити.

“На денот на изборите во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле. МВР почна внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого”, велат од МВР.

На тврдењата на МВР дека нивните активности не се координираат преку вибер групи, ВМРО ДПМНЕ објави скенирана наредба од 2018 година, со која, како што велат, се докажува дека тврдењето на Министерството е лага.

Наводите втор ден ги проверува и Јавното обвинителство, но предмет по случајот се уште нема. 

“Комисијата за изборни нерегуларности постапува по овие сознанија, се проверуваат наводите и материјалните и вербалните докази. Доколку има елементи за сторено кривично дело ќе има и одлука за понатамошно постапување и оформување на предмет”, информираат од Обвинителството.

Од обвинувањата за параполициска партиска формација се оградува и владејачката СДСМ, од каде ги отфрлија сите обиди кои би требало да докажат дека партијата се занимавала со изборни нерегуларности.

“Изборните нерегуларности се одлика на режимот на ВМРО-ДПМНЕ кога ја злоупотребуваше полицијата за да заплашува, малтретира и уценува граѓани, а МВР беше претворено во ВМРО-МВРО. Тоа време заврши”, наведуваат од партијата на власт, од каде дојдоа контраобвинувања за изборни притисоци.

Петровска дополнува - ВМРО-ДПМНЕ не е поместена ниту милиметар од режимската и насилничка матрица, но СДСМ и демократските институции се тука да ги заштитат граѓаните.