Има ли решение за проблемот со ЕЕС?
Се уште нема одговор од Грција дали ќе го укине новиот ЕЕС систем за влез во земјата во летниот период. Од Туристичко-угостителската Комора очекуваат најрано до 10 мај да добијат став од грчката влада, дали од 1 јуни до 1 септември Македонците ќе бидат изземени од европскиот систем.
Ако одговорот е негативен - граѓаните да се подготват за долго чекање на граничните премини. На едно 4 члено семејство во просек му требаат по 10-тина минути за фотографирање и оставање биометриски отпечатоци, што значи за еден час ќе поминат само 6 автомобили.
Затоа и од Националната асоцијација на туристички агенции, апелираат –и македонските институции да реагираат и бараат одлагање на примената во екот на туристичката сезона.
- Како се стоплува, така гужвите кон јужниот сосед се зголемуваат. Транзитот е голем особено во летниот период, така да се надеваме, ако остане системот, Грците да бидат поспремни, да стават повеќе апарати, да има посебна лента за македонските граѓани, да бидат ангажирани повеќе луѓе итн, изјави Ана Марија Алексова Малева, Национална Асоцијација на туристички агенции.
За сега, од НАТА велат, дека нема откажување на веќе уплатените аранжмани. Граѓаните кои сакатат да летуваат во Грција, безразлика на гужвите, избираат да одат таму, а не во соседна Албанија или Црна Гора, каде што не важат европските правила.
Од Брисел нема одговор и за транспортерите, кои бараа за нив да не важи правилото 90/180 за влез во земјите од Унијата. Од Здружението Макматранс чекаат одговор и дали Грција и Бугарија ќе ги изземе македонските превозници, како нафтените компании и концесионерите на рудници, кои секојдневно возат низ нивните земји.
Преговорите ги водат македонското Министерство за надворешни работи и вицепремиерот Николоски, кои лобирале олеснувања на професионалните возачи и во Австрија и Германија.
Инаку системот, кој опфаќа дигитална регистрација со скенирање на пасош, фотографирање и земање отпечатоци од прст, беше најавуван како модерено решение, кое автоматски ќе покажува колку дена патникот престојува во одредена европска земја. Но, уште првите денови од функционирањето ги покажа слабостите и ја зголеми гужвата на граничните премини.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
