Македонија
1. December 2022 - 16:33

Има ли поевтина храна од денеска?

Поевтината струја незначително ги поевтини основните продукти. На стартот од мерката 80 евра за мегават час за производителите, граѓаните се разочарани. Велат низ маркетите се е скапо колку вчера. 

Месната индустрија тврди дека цените се веќе намалени, но секоја компанија посебно си одлучува по колку ќе ги продава своите производи. 

„Уште денеска ги намаливме цените на одредени производи, верувајќи и на Владата дека мерките ќе бидат ефективни. Намалени се околу 50-на производи, дел од свежото свинско месо и дел од пилешкиот асортиман. Имаме во просек намалување од 5% на одредени производи, пред се свежото свинско месо.“, изјави Гоце Трајчев, претседател на групација за месо.

Пресметките за тоа колку струја ќе трошат новите приклучоци, надлежните ќе ги имаат следната недела.

Во меѓувреме, петте фирми кои имаат поставени фотоволтаици и договорите им беа одбиени, од денеска ќе добиваат поевтина струја.

„На состанокот одржан меѓу РКЕ, ЕСМ, ЕВН и МЕМО, во согласност со Правилата за снабдување, одлучено е покрај договор за снабдување, петте фирми со „ЕСМ продажба“ да потпишат и договор за откуп на киловатите електрична енергија кои сами ги произведуваат, а кои нема да ги искористат и ќе ги вратат во мрежа. Преостанати количини ќе се откупуваат по цена од 80 евра минус 10 отсто“, соопшти ЕСМ.

Од СДСМ ветуваат дополнително пониски цени во наредниот период.

„Веќе е намалена цената на лебот, како и на некои млечни производи и масла за јадење, но во следниот период ќе се намалат цените и на останатите основни продукти помеѓу пет и 13 отсто. Ова за граѓаните ќе значи поевтини производи и помали трошоци во семејниот буџет.Инаку, Владата продолжува со субвенционирање на цената на електричната енергија од 80 отсто за 600.000 домаќинства и за 72.000 домашни компании.“, изјави Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, и денеска обвинува за лошата состојба на енергетските капацитети.

„Битола од вчера работи со еден блок, вториот блок вчера излезе од мрежа поради пукната цевка, па така само вчера до крајот на денот поткраднуваа вкупно 452 мегавати од соседните држави кои ќе не чинат неколку стотици илјади евра. Блокот 3 не работи бидејќи трансформаторот што требаше да стигне на 1ви Ноември денес 1ви Декември уште не е ни во Македонија, блокот во Осломеј не работи, ТЕЦ Неготино кој требаше да влезе на мрежа до крајот на Ноември поради дефект на генераторот не работи, а хидро потенцијалот е на 18%, пишува Мицкоски на ФБ.