Македонија
14. February 2022 - 16:36

Има ли можност за единство - Ковачевски препознава хистерија, Мицкоски мисли дека нешто се крие

Со креирање на хистерија околу преговорите со Бугарија не се постигнува единство. Ова е одговорот на премиерот Ковачевски, на повикот на опозицискиот лидер за нацинално обединување кога се во прашање државните интереси.

Не гледам искреност во овој повик на Мицкоски, вели премиерот, а заклучокот го темели врз два аргумента. Едниот е дека ВМРО ДПМНЕ го одбила учеството во работните групи за Бугарија, другиот – декларацијата за Гоце Делчев.

“Единството и застапувањето на нашата држава се прави во законодавниот дом кој претставува дом на сите граѓани и доколку ВМРО ДПМНЕ мисли дека со еднострани декларации со кои единствено се попречува просцесот на разговори кои се водат во духот на европските вредности и со задржување на достоинството, дека тоа ќе помогне, тие го прават токму спротивното”

Од слепи следбеници на заевизмот не можеме да очекуваме рационалност и заштита на националните интереси, одговара Мицкоски. Сепак, ВМРО ДПМНЕ ќе биде тука во случај власта да се премисли, порачува лидерот на партијата.   

“Ние сакаме да рефлектираме една енергија на обединување кога станува збор за националните интереси. Ние може да се разликуваме за економските, образовните, здравствените и прашањата за земјоделството. Да, тука се разликуваме. Но кога станува збор за националниот интерес, еднаш очекуваме од СДСМ да застане и да ги поддржи политиките на обединување. Прв чекор, еве нудиме подадена рака поддржете ја декларацијата за титанот, великанот Гоце Делчев”

Еден месец од изборот на новата влада, се уште нема најава за средба Ковачевски - Мицкоски. Опозицискиот лидер вели дека ја чека поканата од премиерот, кој денеска потврди дека лидерската ќе се случи, но не навести кога двајцата на лидерска средба ќе разговараат за сите отворени прашања.