Балкан
17. July 2016 - 9:21

Илјадници лица на улиците во Турција за поддршка на Ердоган

Илјадници граѓани се собраа вчера на улиците на повеќе турски градови по повикот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и премиерот Бинали Јилдирим да излезат и да ја бранат демократијата. 

Голем број луѓе пееја и виореа турски знамиња во истанбулскиот кварт Кисикли, а граѓаните славеа и на плоштадот Кизилај во Анкара.

Голем број турски граѓани излегоа и на улиците на Измир, како и во североисточниот град Ерзинчан. 

Претходно голема група граѓани го поздравија Ердоган на собирот во Истанбул, на кој тој изјави дека инцидентите ги предизвикала помала група во војската, а не самата армија на Турција. 

Тој додаде дека од САД ќе побара екстрадиција на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, за кого туртските власти тврдат дека стои зад обидот за пуч.