Македонија
27. October 2019 - 19:16

Илијев: Оризопроизводителите од Кочанско добија над 41 милион денари за субвенции

Вкупно 41,4 милиони денари им се исплатени на 1.130 оризопроизводители од кочанскиот регион како дополнителна субвенција од пет денари за килограм предадена оризова арпа. Со тоа им се помага да ги надминат проблемите поради нарушениот баланс помеѓу понудата и побарувачката и многу ниската откупна цена, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев на денешната прес конференција.
 
Според него, со оваа нова дополнителна субвенција од државниот буџет се поттикнал договорениот откуп на оризова арпа од минатогодишната реколта, со што земјоделците можат да очекуваат пополвни услови за пласман на своето производство.
 
– Во изминатите две години е забележан пораст во поддршката што ја добиваат нашите земјоделци, со оглед што во 2017 година им се исплатуваа по 12 илјади денари од хектар за користење сертифициран семенски материјал, шест илјади денари без сертифициран семенски материјал, како и дополнителна поддршка од три илјади денари по хектар за земјоделска површина со сертифициран семенски материјал. За оваа година субвенциите за користење сертифициран семенски материјал се 25, односно 30 илјади денари, а поддршката за производство без сертифицирано семе е 18 илјади денари. Исто така, добија и по пет денари за предаден килограм на откупувачите до април годинава, истакна Илијев.
 
Според него, откупната цена на белиот ориз од минатогодишната реколта бележи пораст до 13 денари по килограм, а крупниот бел ориз се откупувал по цена од 45 до 50 денари за килограм, за разлика од претходната година кога откупната цена била од 35 до 37 денари.
 
– Зголемување има и на откупната цена на оризовата арпа која лани достигна од 20-24 денари по килограм, што во просек значи пораст од шест денари во споредба со претходниот период. Ситниот бел ориз лани се откупуваше по 30 до 35 денари за килограм, за разлика од реколтата во 2017 година кога беше од 25 до 30 денари по килограм, рече градоначалникот Илијев.
 
Тој наласи дека финансиската поддршка за предадена арпа од минатогодишната реколта е целосно исплатена токму во периодот на завршување на актуелната жетвата на оризот, поради што земјоделците се задоволни и можат да покријат дел од трошоците за производство