Македонија
14. јуни 2021 - 11:24

ИДУЕП со три конкретни предлози за поквалитетен живот на граѓаните преку воведување и практична примена на дигитализација на услугите

 Според анализите за присуство во медиумите, дигиталната агенда и дебата стануваaт сè поактуелни во платформите и настапите на општествено-политичките чинители на сите нивоа, а истовремено голем број од нив мислат дека е потребна одржлива дигитализација која ќе биде насочена исклучиво кон потребите на граѓаните и олеснувањето на животот и работните активности на секое физичко и правно лице, велат од Институтот за добро управување и Евроатлантски перспективи.

– Темата за дигитална трансформација интензивно се наметна со појавување на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Пандемијата ги мотивираше сите општества да дејствуваат брзо и да се прилагодуваат на алтернативни начини на функционирање со единствена цел зачувување на здравјето на секоја индивидуа и спречување на ширење на вирусот, а истовремено зачувување на економскиот развој, егзистенција и непречено продолжување во вршењето на редовните обврски од страна на секој човек, се вели во соопштението.

Од ИДУЕП посочија дека на оваа тема постојат различни мислења, очекувања и заложби, што во демократското општество е нормално и потребно, бидејќи преку аргументирана и инклузивна дебата на индивидуи кои слободно го искажуваат сопствено мислење и став може да се дојде до најдобрите решенија на секоја тема, вклучувајќи ја  и дигитализацијата.

Во насока да ја поддржиме ваквата дебата, но и да даде конкретен придонес во создавање на одржлива дигитална агенда од интерес на секој граѓанин и правен субјект, Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи предлага брзо усвојување на неколку препораки и конкретни мерки.

Прво, намалување за 90 проценти на цената на користење на сите услуги за граѓаните како што се изводи од матично и други изводи, било какви потврди, уверенија и сите останати документи доколку се вадат дигитално и плаќаат онлајн. Намалување за 50 отсто на овие цени за сите компании и организации, односно правни лица за ваков тип на документи доколку ги вадат дигитално и плаќаат онлајн. Предлагаме оваа мерка да трае во период од шест или 12 месеци, а дополнително покрај поддршка на процесот на одржлива дигитализација ќе биде од голема помош за секој човек и компании во периодот на криза. Ваквата мерка може да се продолжи и за дополнителни шест или 12 месеци со скалест пристап на намалувања.

– Воведување на видливо поголем процент на поврат од ДДВ преку апликацијата „Мој ДДВ“ кој во следниот период ќе се исплаќа за сите граѓани кои нарачуваат и плаќаат онлајн. Дополнително, во истиот период надлежните институции да ги мотивираат банките и нивните партнери (брендови на картички) доколку имаат интерес за поддршка на целокупниот процес преку дополнителен поврат при онлајн трансакции. Во период од максимум три до шест месеци да се направи забрзана дигитализација на сите услуги кои ги даваат јавните институции на локално и централно ниво, а кои сега се можни само во стандардната шалтерска и процедура со физичко присуство, се додава во соопштението.

Според Институтот, веднаш по воведувањето на секоја нова дигитална услуга да се примени предлогот за 90 проценти намалување за сите граѓани кои ќе ја користат и платат услугата онлајн и 50 отсто намалување за сите правни лица кои ќе ја нарачаат таа услуга дигитално.

Од Институтот велат дека со брза примена на овие предлози ќе се стимулира практична доверба во дигитализацијата и можност да се увиди нејзината конкретна корисност за секој граѓанин или правно лице, а ќе се овозможи и повеќе пари да остануваат кај граѓаните што е многу важно во услови на криза предизвикана од коронавирусот.

– Исто така, ваквите мерки ќе придонесат за намалување на турканиците и гужвите на шалтерите и другите економски објекти, а ќе овозможат многу повеќе слободно време за секој човек што ќе отвори и процес за подобрување на квалитетот на живот на секој граѓанин, се вели во соопштението.

Од ИДУЕП додаваат дека ваквиот пристап нуди алтернатива и мотивација секој граѓанин да се увери во можностите што ги нуди дигитализацијата, како и да продолжи да ги користи јавните и други услуги по брз и безбеден електронски пат и по завршување на мерките.

Со ваков пристап се очекува и отворање на нови работни места и развивање нови бизнис модели, велат од ИДУЕП и додаваат дека овие предлози се доставени до државниот врв, надлежните јавни институции, општествено-политичките чинители, како и до стопанските комори и граѓанските организации.