Фудбал
31. July 2016 - 9:19

Ибрахимовиќ стартуваше со погодок за Јунајтед

Во средбата во рамките на Меѓународниот куп на шампионите (ICC), фудбалерите на Барселона во саботата во Даблин го поразија Селтик со 3-1, додека Манчестер Јунајтед во пријателска средба во Гетеброг го победи Галатасарај со 5-2 а на новиот член на „црвените ѓаволи“ Златан Ибрахимовиќ му беа потребни само четири минути да го постигне првенецот во новиот дрес.

Победата на Барселона ѝ ја донесоа Арда Туран во 11 минута, Ефе Амброс во 31-та со автогол и Мунир во 41 минута, додека голот за Селтик го постигна Лејх Грифитс во 29 минута.

За шпанскиот првак ова беше првиот меч на ICC, а Барса ќе игра на 3-ти август против Лестер во Стокхолм, и три дена подоцна против Ливерпул на лондонски „Вембли“. Селтик веќе ремизираше со Лестер (1-1) а го очекува дуелот против Интер на 13-ти август во Лимерик.

Златан Ибрахимовиќ дебитираше за Манчестер Јунајтед со голот постигнат со „ножички“ во 4 минута. Потоа стрелци за Јунајтед беа Веј Руни во 55 и во 58 минута од пенал, Фелаини во 62 и Мата во 73 минута, а за Галатасарај стрелци беа Хумуш во 22 и Брума во 40 минута.