И вработените во јавниот сектор излегуваат на секојдневни протести
Нови протести на административците. Пет синдикати во рамки на Конфедерацијата на слободни синдикати излегуваат на улица ако Владата не ги прифати нивните барања за скалесто покачување на платите.
Ако не добијат одговор до следниот вторник на пладне, ќе протестираат пред Собранието секој ден од 26 до 29 април во периодот од 16 до 17 часот.
Во меѓувреме пратениците денеска го усвоија новиот Закон за административни службеници, кој за КСС е понижувачки бидејќи со него ќе добијат, како што велат, незначајно покачување.
Од овој проблем се засегнати околу 100.000 административни службеници.
Од Владата нема конкретен одговор дали ќе седнат на маса со административците, но велат дека законите важат за сите и треба да ги почитуваат сите.
„Законот за минимална плата кој е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика ги става на иста рамноправна положба вработените во приватниот и вработените во јавниот сектор. Законот за административни службеници ја утврдил можноста за остварување на правото на плата на начин утврден согласно Законот за минимална плата“, велат од Владата.
Синдикалците обвинуваат и за притисоци од некои раководители.
За разлика од нив, Сојузот на синдикати на Македонија бара линеарно покачување на сите плати за најмалку 2.806 денари. На 1 мај ќе излезат на протестен марш со барање за усогласување на сите плати и во јавниот и во приватниот сектор, согласно растот на минималната плата.
„Не е време за салата и скара, борба е за твојата плата и за работнички права, ако не се бориш за себе и имаш добра плата, треба да бидеш солидарен и да се бориш за тие околу тебе кои немаат добра плата и немаат за добар живот“, порачуваат од ССМ и ги повикуваат сите да се приклучат на протестот на 1 мај, кој ќе започне во 12:30 пред зградата на ССМ, а ќе се маршира до Владата.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
