Македонија
13. July 2020 - 16:50

И во Битола се гласа во изолација

19 лица од Битола болни од Ковид-19 или во самоизолација се пријавија да гласаат на предвремените парламентарни избори. Посебниот избирачки одбор целосно опремен замина да го спроведе денешното гласање.

Дел од тимот беше и д-р Тихомир Велевски од Одделението за гинекологија при Клиничката болница од Битола, кој рече дека гласањето денеска се спроведува согласно мерките и протоколите за заштита.  -Треба да посетиме 11 изборни единици и таму треба да гласаат 19 гласачи. Тимот се состои од три доктори и претставници на политички партии. Безбедно е, опремени сме со визири, мантили качулки, скафандери, безбедноста е на високо ниво, изјави д-р Тихомир Велевски, посебен избирачки одбор.

Посебниот избирачки одбор го подигна гласачкиот материјал од Општинската изборна комисија.

-Гласањето почна во 7 часот материјалот е предаден од основните избирачки одбори на посебниот избирачки одбор. Во интерес на подобра заштита на здравствените работници истите користеа заштотна опрема скафандери за во целост да се испочитуваат мерките за заштита од Ковид-19, изјави Весна Томовска, претседател на ОИК Битола.

Утре ќе гласаат 213 болни и немоќни лица, 72 лица од казнено-поправните установи и 42 лица од старски дом. Во општина Битола вкупниот број на гласачи е 81 488 и има 170 избирачки одбори.