Македонија
30. October 2015 - 17:09

И годинава 40 најдобри студенти од фармација и медицина стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“

Нови четириесет стипендии и годинава додели Фондацијата „Трајче Мукаетов“. 20 се студенти на Фармација и исто толку на Медицина. 12 месеци ќе добиваат по 6.500 денари. Оваа традиција започна од 2007 година.

- Заклучно со овие 40 стипендии, посочи Мукаетов, досега Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендираше 344 студенти по фармација и по медицина, од кои 124 студенти по фармација и 92 студенти по медицина веќе дипломирале. Од 2009 година до денес, 34 од завршените стипендисти продолжија да работат во Алкалоид, изјави Живко Мукаетов, генерален директор на Алкалоид АД Скопје.

Стипендиите се доделуваат врз основа на остварениот успех, материјалната состојба студентот и диплома од некоја активност.

- Стипендиите претставуваат многу важен таргет за сите нивни студенти во текот на нивното студирање и не се значајни само за оние 20 студенти годишно кои ги добиваат, туку значајни се и за останатите кои препознале во овие стипендии дека до нив можат да стигнат исклучиво со квалитет во нивното студирање, со знаење, со добри оцени и максимално се трудат за тоа, изјави Зоран Стерјев, Продекан на Фармацевтскиот факултет.

- Вложувањето во поквалитетни кадри во нашето здравство претставува многу важен столб во здравствениот систем со цел поголем благодет и добробит на граѓаните на Република Македонија, изјави проф. д-р Никола Јанкуловски, Декан на Медицинскиот факултет-Скопје.

Почнувавајќи од 2009 година Фондацијата Трајче Мукаетов доделува и еднократна награда за најдобрите студенти првенци на генерација на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет.

Со 1.200 евра се наградени Надица Сибиновска од Фармацевтскиот факултет со просек 9,90 и Харис Бабачиќ од Медицинскиот факултет кој има просек 10,00. И двајцата се досегашни стипендисти на фондацијата.