И денеска се препишуваше во вибер група на државна матура
Образовниот систем потфрла, а матурантите ја користат ситуацијата. Додека надлежните си ја префрлаат топката која е виновен за групното препишување на екстерните тестови, средношколците и денеска препишуваа.
Повторно преку вибер група сложно и заеднички одговараа на прашања, овојпат за интерниот предмет историја. Се споделуваа одговори, се сликаа решени тестови, се бараше , но и се даваше помош. Од Министерството за образование апелираат до сите вклучени во процесот на полагање државна матура да се однесуваат согласно законите, во спротивно посочуваат дека ќе се иницира одговорност. На прашањето на Сител за конкретниов случај со полагање на предметот историја го добивме следниот одговор.
Тестовите по интерните предмети во секое училиште се различни, така што доколку некој конкретен тест стигнал до рацете на учениците пред полагањето, одговорноста е на менаџментот и наставниот кадар во самото училиште, а секако одговорност се бара и од локалните самоуправи кои се основачи на општинските училиштата, велат од МОН.
Ова е само продолжување на пробивањето на екстерните тестови пред неколку дена, кога околу 7.000 матуранти преку вибер група групно го полагале тестот по англиски јазик. МОН побара од државниот испитен центар да го лоцира пропустот бидејќи тие се надлежни за организирање на државната матура.
Ги обвинија дека поради штрајкот тестирањето не било спроведено во поголеми простории. Од ДИЦ ги отфрлија овие обвинувања со образложение дека вибер групите меѓу матурантите и така и вака би постоеле.
Објаснија дека тестовите не биле пробиени, туку прашањата биле споделени откога испитот започнал. Интерните испити пак се под директна надлежност на училиштата, така да сега и од нив би требало да се бара одговорност. Во целиот хаос на префрлање вина, остана нејасно дали препишувачите повторно ќе полагаат или не.
Според ДИЦ испитот по англиски не би требало да биде поништен за учениците кои ги почитувале правилата, но се уште нема официјален став.
-
Сања Сеизова Мрмова
Сите содржини од овој новинар
