Македонија
22. January 2021 - 12:30

Хуманитарното здружение „Надеж за сите“ заборавено од државата

Хуманитарното здружение „Надеж за сите“ од Прилеп, кое вчера одбележа 1 година од постоењето, досега им има помогнато на околу 900 семества од цела Македонија, со пари, лекови, облека, храна и друго. Анонимен донатор сега им обезбедил и канцелариски и магацински простор во траење од една година. Но сега и на оние кои цела година неуморно помагаа им е потребна помош. Пред се финансиска за да може да продолжат да им помагаат на големиот број семејства. Досега не добиле никаква поддршка од државата иако за финансии, возило и оебзедување канцеларија се обратиле и до Општина Прилеп, Владата и до Претседателот на Македонија. Сега бараат помош од приватни фирми и добронамерни граѓани, затоа што засега сите основни трошоци за функционирање на здружението ги покриваат од сопствени средства. 

„Ако не добиеме помош од донатори, тука застанува и нашата работа. Ние нема да се предаваме, ќе одиме со сите сили и нема да застанеме, но може да се намали бројката во Република Македонија. Значи ако ја држиме цела Македонија, ако се намали бројот на донатори, тогаш со помош може да опфатиме само дел Прилеп и некои други одредени места, други градови, но не цела Македонија“, изјави Билјана Глигорова, здружение „Надеж за сите“.

Велат дека поради Ковид пандемијата бројот на оние на кои им треба секојдневно помош во храна, облека и лекови бил се поголем. 

„Процентот на сиромаштија значително од ден на ден се повеќе се зголемува, значи се повеќе и повеќе сиромаштија. Дури не можеме ни ние процентуално да кажеме, затоа што секој ден се повеќе и повеќе ги има. Дневно се случува по 20 семејства да имаат некаква потреба, плус од тие што ги имаме редовно што се грижиме да не останат без корка леб, затоа што навистина има и такви случаеви со дечиња мали што немаат буквално леб да јадат“, додаде Васе Благадушоска, здружение „Надеж за сите“.

Засега новата канцеларија ќе им работи само по потреба, а се надеваат дека во иднина ќе може и постојано да биде отворена. 

„Засега по потреба можат да не најдат донаторите или тие што имаат потреба од донација, такви се условите сега. Понатаму сакаме и се трудиме да бидеме преку цел ден тука присутни во овие простории“, истакна Маја Божиноска, здружение „Надеж за сите“.

Помошта која ја даваат ја обезбедуваат од донатори од Македонија, но и од Македонци иселени во странство. Доколку сакате да остварите контакт со здружението тоа може да го остварите преку нивната ФБ страна „Надеж Надеж“ на која може да се најдат и телефонски броеви.