Балкан
10. March 2021 - 10:58

Хрватска меѓу земјите на ЕУ со најголем пад на вработеноста

Вработувањето во Европската унија и еврозоната се намали во последните три месеци во 2020 година, а Хрватска е меѓу земјите со најголем пад на бројот на вработени, покажуваат податоците во најновиот извештај на Заводот за статистика на ЕУ (Евростат).

Сезонски прилагодениот број на вработени во земјите од ЕУ се зголеми за 0,4 проценти во четвртиот квартал на 2020 година во споредба со претходниот квартал, кога се зголеми за 0,9 отсто, пресмета Евростат, со што има мала промена во првичната проценка за крајот на минатата година. Во еврозоната, бројот на вработени се зголеми за 0,3 проценти во споредба со периодот од јули до крајот на септември, кога забележа пораст за еден процент.

На годишно ниво, бројот на вработени во ЕУ се намали за 1,6 проценти во последните три месеци од 2020 година, речиси со иста стапка како и во претходниот квартал, а во еврозоната е намален 1,9 отсто, по падот од 2,1 процент во третиот квартал.

Евростат проценува дека во четвртиот квартал од 2020 година, според сезонски прилагодените податоци, во ЕУ биле вработени 206 милиони граѓани, од кои 157,9 милиони во еврозоната.

Пандемијата на Ковид-19 го намали бројот на вработени во ЕУ за 3,5 милиони во споредба со последниот квартал во 2019 година, утврдија статистичарите. Во еврозоната, нивниот број се намали за 3,1 милиони.

Најголем пад на бројот на вработени на квартално ниво е забележан во Чешка, Хрватска, Летонија и Малта, за 0,5 проценти.

Бугарија, Кипар, Грција и Холандија имаа поблаг пад од 0,5 проценти, додека вработеноста стагнира во Австрија и Германија.

Меѓу земјите на ЕУ, најголем раст на бројот на вработени на квартално ниво забележаа Португалија и Естонија, за 1,9 проценти, а следува Шпанија со раст од 1,2 процента.

Само Полска и Луксембург забележале раст на годишно ниво во четвртиот квартал од минатата година, односно поголем број на вработени отколку во предпандемискиот период, за 0,8, односно 1,7 проценти, се наведува во извештајот на Евростат. Кај сите други земји е регистриран годишен пад на бројот на вработени, а најголем во Шпанија, за 4,2 отсто.