Балкан
12. May 2016 - 11:16

Хрватите се како мимози, разгалени и искомплексирани

Т-портал - Загреб

За разлика од многу тинејџери кои можеби не се махери во планирање на долги патеки, но затоа веруваат во својата бесмртност и некое подобро утре, просечниот Хрват со оптимизмот одамна веќе не е на „ти‟. Такво нешто одамна веќе не расте на нашите полиња и не се влече по градскиот асфалт. Нема повеќе оптимизам ни во фингираните ТВ прилози за величествените проекти, пресечните црвени ленти или други големи успеси на Хрватите во земјата и светот.

Па човек помислува, зошто сепак (наспроти се) да се пишува за тоа дека всушност и не ни е толку лошо? Или барем не е колку што би можело да биде, ако итно не се освестиме и не престанеме да ја губиме енергијата на бесмислени, неконструктивни и исцрпувачки дебати. Но, веќе на првата кривина, еве го, песимизмот: „Јас сум твојата стварност и немаш друга освен мене‟.

Како да се пишува за прилози за оптимизмот кај Хрватите во состојба кога свештениците ги користат говорите за политички обраќања и тоа коментирање поради ставот кој претседателката на една слободна и демократска држава (каква сме барем на хартија) го има за пропаднатата фашистичка творба НДХ? Како да се утврди дека „чашата е половина полна‟ кога претседателката на тој ист свештеник му праќа одговор преку фејсбук, користејќи ги старите фрази („Да се свртиме кон иднината‟) и уште таа порака ја илустрира со заводничка насмевка со одлично испеглана фотографија. Или кога ќе ни се обрати исто како на горе наведениот адолесцент со пораката: „Деца, па зарем не се смиривме до сега‟?

Необјасниво за умот на возрасен човек

Конечно, нема смисла ни да се дрогирам(е) со оптимизам во состојба кога нацијата нема ни минимум самодоверба и самопочит, туку појде во линч на автор на една лоша сатирична песничка и уште полоша видео снимка, како да извршил државен удар во најмала рака, или ни ги заклал блиските и далечните роднини.

Нацијата е како мимоза, разгалена и искомплексирана. 
Човек да помисли дека со мисли и дело сме се вратиле во 40-тите години од минатиот век, но се чини дека времепловот е надвор од контрола. Брзо се движи кон многу подалечни и поцрни патеки. 
Цивилизацискиот хаос очигледно отпаѓа од луѓето и некои сосема човеколики и формално школувани лица ѕидаат нови столбови на срамот. Собираат потпала за некои нови вештерки. 
За секој кој не се вклопил во нивната визура за светот и потеклото. 
Месец дена кукање дека дошол денот кога светот ќе исчезне во форма на тотална неслобода на медиумите, а потоа десет дена одбележување на годишнината на смртта и плачење за големиот поборник на тие исти слободи. И за времињата во кои на сите (а не само на нив) им беше подобро, а се знае дека е невозможно да се вратат. И како тоа да е решение и рецепт за некое помирно и поквалитетно утре.

Хрватска делува необјасниво за нормален ум на возрасен човек. Па замислете, премиерот се фали дека Американците и Канаѓаните се задоволни со изборот на шефот на тајната служба (хеј! НАШАТА тајна служба), а Владата мора да дели лекции за тоа дека ги осудува усташлуците кои дел од нејзините членови во изминатата година толку ноншалантно ги толерираа.

Цело Собрание има полна уста за остварување на целите кои некој друг ги зацртал (без сфаќање зошто е тоа важно), а нацијата е во тотална депресија и самосожалување до таа мера, што сите не гледаат зачудено.

Замислете ја Хрватска како исфрлан пубертетлија...

Секој текст кој ќе го напише некој странски новинар за состојбата во Хрватска, доведува до паѓање во екстаза. Ооо, срамота, што мислат за нас!

А проблемот е во тоа што ние мислиме сами за себе. Какви се гледаме и колку непатолошки се сакаме (премногу или премалку) или (не) веруваме во себе.

Ако Хрватска за момент ја замислиме како исфрлан тинејџер, можеби ќе ни стане појасен тој силен отпор на секој авторитет, а пак постојано бараме признание од авторитет кој начелно го презираш (а сепак редовно му ја кодошиш екипата од населба).

И потоа, ако работите во минатото не биле отпимални (а не се), потребна е рекапитулација на траумата во желба тој наш имагинарен адолесцент да преовлада, па ако не успее конструктивно, тогаш ќе падне во (авто)деструкција: да се дрогира со пропаднати идеологии, да се идентификува со групи кои се „ние‟, а да се судира со тие кои се „вие‟. И по бројни неуспеси да пропадне во провалија на бесперспективност и очај.

За нас возрасните важно е да се освестиме за тоа дека песимизмот (како и оптимизмот, секако) е само проекција. И тоа проекција од која ни зависи иднината. Бидејќи песимистот, за разлика од лице кое реално ги тестира сегашноста и иднината, нема одговорност. Ќе мавне со рака и ќе го сврти грбот.

Страдање, трпење и пекол на земјата

А има и нешто заводливо во тоа се да се проектира како црн или сив крај. За среќа и светлата на иднината денес едноставно не се ин. Катастрофалните наслови многу подобро продаваат кликови и минути на ТВ.

Но, ако сме искрени и реални, среќата и подобрата иднина во смисла на рај на земјата и не постојат. Само христијанство и комунизмот ветуваат совршени општества и праведна и среќна иднина.

За едни тоа е иднина по овоземскиот живот во страдање и трпење, а за други е стремеж кон идеална иднина кој толку многу пати и на толку многу места завршувал со пекол на земјата. Се друго е вечна борба за опстанок, за нови достигнувања, за живот кој подразбира подеми и падови.

Најцрниот песимизам се вкорени во оваа земја и го гуши секое реално перципирање на состојбата во која навистина сме, или можноста за малку надеж во некое подобро утре. 
И сега, како во таква проекција да пишуваме за факти? 
Кој смета на фактите кога емоциите се посилни и ни даваат чувство дека сме живи, па иако не туркаат право во болест или пропаст? 
А работите стојат вака: 
Ако имате приходи од мизерни 3500 куни, спаѓате меѓу 16 отсто најбогати луѓе на светот. Ако платата не ви е поголема од просекот, вие сте меѓу 6,5 отсто среќници. Цела месечна плата над тој износ, ве прави побогат од 7 милијарди луѓе на оваа планета. Вашата месечна плата би била доволна за плати на 200 лекари. За тоа што го заработувате за еден месец, на некој работник во Гана му требаат 27 години.

Знаете ли колку сте среќни и богати?

Ако имате куќа или стан за кој сте отплатиле кредит или сте го добиле во наследство од родителите, спаѓате во самата материјална елита на Човештвото. Во зависност од вредноста, ќе одите за некој процент горе или доле, т.е. вие сте меѓу 1 отсто од најбогатите луѓе на светот.

Вашето дете има одлична здравствена заштита и според истражувањето на УНИЦЕФ, заштитата која ја добива е подобра и од таа која ја има германско дете. Според тоа, вие сте далеку многу над богатите земји. Зад нас се и земји како Австрија, САД, Велика Британија и преценетиот Исланд.

Според количината на питка вода, за која масовно се тврди дека е клучен ресурс на иднината, вашата земја спаѓа во 30 најбогати држави на светот.

Па зошто сме тогаш толкави песимисти? Не само хипотетички кажано, туку според сите истражувања во последните години, сме дебело на дното на европските народи? Зошто губиме енергија не само на бескорисни, туку дури и на многу штетни расправи за минатото во кое не можеме да се телепортираме и да го измениме (што не значи дека не можеме и не треба да го согледаме такво какво што било, без идеализирање и митологија?).

Зошто толку лесно преоѓаме преку веста дека некои Славонци се одлучиле да се посветат на профитабилно одгледување на батата, а со месеци вртиме тема дали 45 година сме ослободени или во исто време дебело сме измамени? 
На крај, што тоа менува? 
Иднината сигурно не. 
И што би требало да се случи да се тргнеме пред вистинското дно или тотален и далекусежен (нов) пад? Зарем баш навистина немаме волја, знаење и сила?