Македонија
20. April 2025 - 16:48

Христијаните во земјава го одбележаа најголемиот празник - Воскресение Христово Велигден

Победа на животот над смртта, најрадосната вест за Христовото Воскресение илјадници граѓани сплотено ја дочекаа во Соборниот храм. Торжествено со опход три пати околу храмот, верниците предводени од поглаварот на МПЦ ОА го навестија најголемиот христијански празник. 

Велигден е празникот над сите празници, чудото кое го слави целиот христијански свет. Поглаварот честитајќи го празникот посака радост и мир за сите верници и во целиот свет. Упати на сплотеност, меѓусебна почит и следејќи го словото божјо да чиниме еден за друг добри дела. 

Со тропањето на портите и веста за Христовото Воскресение почна празнувањето на Велигден со утрена богослужба по која следуваше и причестување на верниците. Соборниот храм како некогаш одамна повторно беше преполн со верници во и околу црквата. Граѓаните се полни со надеж и желби за повеќе љубов и разбирање па токму тоа беа и пораките со кои го честитаа празникот. Со бојадисано јајце го означија христовото воскресение, чин на кој најмногу се радуваат децата. 

За Велигден во сите православни храмови се одржаа восрексни литургии. Во посланието за овој Велигден поглаварот се осврна на најголемата трагедија која се случи во Кочани. Во Соборниот храм голем број верници дојдоа да примат од светата причест по велигденскиот пост. 

Торжествено со голем број верници беше дочекана најрадосната вест и во дворецот на манастирот Бигорски. 

Христијаните обединето го слават Велигден бидејќи оваа година и римокатолиците на ист ден го чествуваат празникот. Традиционално централното одбележување се одржа во храмот  „Пресвето Срце Исусово“. 

Бискупот и струмичко- скопски епарх ја пренесе пораката на Папата кој посака овогодинешното заедничко чествување да се сфати како можност обединето и на ист датум  да се прославува Велигден и во иднина.