Македонија
3. March 2022 - 12:29

Хосписот во Битола доби дневна болница

Дневна болница со интернистичка амбуланта почна да функционира во хосписот „Сју Рајдер“ Битола, кој е под надлежност на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 ноември“ – Скопје. Оваа амбуланта ќе биде наменета и за надворешни пациенти, покрај згрижените пациенти на кои им е потребна палијативна грижа.

-Пациентите кои досега ја користеа услугата на стационарниот дел, отсега можат и надворешните пациенти кои од било кои други пречки не можат да ги користат услугите на хосписот за палијативна грижа ќе можат и преку амбулантите да ги користат нашите услуги. Сите надворешни пациенти, ќе можат преку системот Мој термин, нивните матични доктори да им издадат упат и по претходен преглед кој ќе биде направен од нашиот доктор, специјалист по интерна медицина, докторот ќе си процени дали пациентот ќе се третира амбулантски, или ќе користи дневна болница или ќе се лекува во стационарниот дел, изјави Салија Љатиф-Петрушовска, директор на Геронтолошки завод Скопје. 

На овој начин самата институција ќе стане и поефикасна за пациентите кои се згрижени во хосписот. 

-Во овие хоспис центри се лекуваат и згрижуваат пациенти на кои им треба долготрајна грижа и нега, особено во ковид пандемија нивното лекување, контролни прегледи е доста отежнато кога треба да се префрлуваат од стационарниот дел во одредени специјалистички амбуланти и останатите здравствени установи, ова е олеснување и за пациентите тука згрижени, вели д-р Владимир Рендевски, заменик министер за здравство.

До крајот на 2022 година, планираат да отворат кабинет и за физикална терапија и биохемиска лабораторија, а се планира отворање и на невролошки кабинет наредната година. На тој начин ќе се подигне на повисоко ниво здравствената заштита на овие пациенти. Интернистичката амбуланта во хосписот во Битола е направена со донација од Општина Битола, американска донација како и сопствени средства на институцијата.