Македонија
28. January 2021 - 13:48

Хелсиншки комитет: Новиот закон да донесе и реално подобрување во животот на граѓаните

Хелсиншкиот комитет за човекови права го поздравува вчерашното донесување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство и очекува значително подобрување на институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство.


-Овој закон треба да придонесе да се надминат пречките и недостатоците кои ги имавме со претходното законско решение, преку обезбедување на еднаквост, елиминирање на стереотипите за родовите улоги, превенција на сите форми на родово базирано насилство врз жените, семејното насилство и утврдување на мерки и активности за заштита на жртвите на овој вид на насилство. Новиот закон опфаќа нови форми на насилство кои ги воведува Истанбулската коннвенција и дефиниции за одредени поими, кои до сега не беа опфатени, како родово базирано насилство (насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погодува и ги опфаќа причините и резултатот од нееднаквиот однос на моќта помеѓу жените и мажите), демнеење, генитално осакатување, сексуално насилство односно неконсезуалните сексуални дејствија, итн., како и поддршка на сите категории на ранливи жени, вклучително жртви на насилство поради сексуална ориентација и родов идентитет, жени кориснички на дроги, бремени жени, Ромки итн, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму појаснуваат дека со законот се воведуваат новитети како постапување со должно внимание, меѓусебна координација на институциите и организациите, забрана за виктимизација, собирање на статистички податоци за родово базирано насилство врз жените и семејно насилство, како и реинтеграција на жртвите.

Воедно, законот го вклучува и сексуалното вознемирување преку интернет кое е дефинирано како несакано вербално, невербално или друго постапување од сексуална природа, што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика, преку електронските средства за комуникација.

-Сведоци сме на непостапување по случајот „Јавна соба“, кој претставува токму ваков вид на насилство. За решавање на овој случај, но и на други појави од овој вид во иднина, од клучно значење е инкриминирањето на сексуалното вознемирување преку интернет, кое сега се третира единствено како злоупотреба на лични податоци, велат од Хелсиншкиот комитет.

Од Комитетот потсетуваат дека со ратификација на Истанбулската конвенција, Република Македонија ја презема и обврската за измена и дополнување и на други закони и подзаконски акти, меѓу кои од особена важност е Кривичниот законик, во насока на пропишување на нови кривични дела и имплементирање на одредби кои се предвидени со конвенцијата. Воедно, Кривичниот законик е родово неутрален во однос на јазикот кој го користи, односно, не ја препознава родовата нееднаквост и родовите стереотипи. Оттука, Хелсиншкиот комитет апелира што поскоро да се пристапи кон усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција, односно со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

Според Хелсиншкиот комитет, една од клучните работи е што со овој закон за прв пат се воведува принципот на постапување со должно внимание на интересите и потребите на жртвата од страна на институциите при преземањето на  мерки за превенција и заштита од родово базирано насилство.

-Ова е од особено значење бидејќи искуството на терен и истражувањата укажуваат на фактот дека еден од најсериозните проблеми е непријавувањето на насилството од страна на жртвите, што е најчесто резултат на недовербата во институциите, односно недоволната сензибилизираност на службените лица кои постапуваат во случаите на насилство. Со овој закон, жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание и трошоците да не бидат на товар на жртвата, се посочува во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Од Комитетот новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство го гледаат како шанса за системско и сеопфатно решавање, како и превенција, на сите форми на насилство кои се родово базирани и се надеваат и воедно апелираат, легислативното усогласување со Истанбулската конвенција да значи и подобрување на животот на жените во пракса. Решавање на случајот „Јавна соба“, според Хелсиншкиот комитет, би бил суштински исчекор во таа насока.