Македонија
10. November 2017 - 14:25

Хан: Слободата на медиумите е од фундаментално значење за ЕУ

 

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, на синоќешната конференција по повод Денот на медиумите во Тирана, наведе дека Европската комисија внимателно ги следи тешкотиите и предизвиците со кои се соочуваат новинарите од Западен Балкан. 

- Слободата на медиумите е од фундаментално значење за Европската унија, за што не може да се преговара со ниту една земја-кандидат на нејзиниот пат кон Унијата, нагласи Хан. 

Еврокомесарот истакна дека новинарството не е нешто што се развива изолирано, а независносто и слободното новинарство е од клучно значење за градењето на демократијата. 

- Политичките лидери на земјите-кандидатки носат одговорност за слободата на медиумите, вклучително и за безбедноста и пристојните услови за живот на новинарите, констатираше Хан. 

За време на говорот на европскиот комесар, група српски новинари симболично протестираа против ограничувањето на слободата на медиумите. 

Тие носеа маици со натписи „така изгледа кога нема слободата на медиумите“ и „ЕУ треба да направи повеќе за слободата на медиумите“. 

На протестите се приклучија и други новинари од регионот.