Македонија
21. July 2015 - 16:11

Хан бара одговорно спроведување на договорот од Пржино

Не е мое да казнувам ако не го спроведувате договорот, а за прашањето за името има поголема одговорност кај европското семејство, порачува еврокомесарот Јоханес Хан по синоќешниот успешен 12-ти Совет за стабилизација и асоцијација на Европската унија и Република Македонија во Брисел.
 
Откако хрватската министерка Пусиќ вчера кажа дека ќе престанат блокадите на македонските интеграции во ЕУ и НАТО доколку се спроведе политичкиот договор од 15 јули, Хан порачува дека ЕУ очекува партиите во Македонија истиот да го спроведат во целост и без опструкции, но дека Брисел нема намера да изигрува куче-чувар.
 
-Не е мој стил да казнувам некого, но она што имаме се различни видови на објекти за набљудување на импементацијата на извештајот на Прибе, како и европските препораки и работите што се договорени меѓу четирите главни политички партии. Мислам, се е во јавната сфера и секој може да ја следи имплементацијата. Нашата задача е повеќе да се грижиме за тие да почнат да имплементираат и подготвуваат работи во како да кажам во контролирано време пред крајниот рок - вели Хан.
 
Според еврокомесарот за проширување главна задача на Унијата е преку преговарачите испратени во Скопје да ги придружува македонските политички лидери во напорите преку транспарентен процес да го спроведат договорот од Црниче. А, запрашан дали се уште има ризик Македонија да отпадне од патеката на интеграции во ЕУ и НАТО во случај Договорот да не се имплементира, одговори позитивно:
 
-Се разбира. Секогаш има ризик, додека ова не е исполнето. Затоа ги повикувам сите политички партии денеска и сите клучни играчи да бидат свесни дека договорот е само почеток на целокупното остварување и истиот не е крајот.
            
Во однос на прашањето за името со Грција, Хан отфрли можност истото да го решава техничката Влада што ќе има задача од јануари до април идната година да ги спроведе изборите. Според еврокомесарот во спорот со Грција одговорноста е и на Брисел
 
-Мислам дека тоа е дел од односите во соседството и јас сум среќен да видам дека има некои движења и се надевам дека ќе има повеќе посредници наесен и мислам дека сите се свесни за развојот кој земјата го направи последните неколку години и сега има поголема одговорност и во европското семејство.