Кошарка
11. April 2016 - 10:37

Г.Стејт по 19 години победи во Сан Антонио

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс го израмнија НБА рекордот на Чикаго Булс, според бројот на победи во регуларниот дел од сезоната, откако изминатата ноќ славеа во Тексас, над Сан Антонио 92:86. Вориорс ја забележаа 72-та победа, колку што имаше генерацијата на Чикаго предводена од Мајкл Џордан во сезоната 1995/1996. Во последниот меч, на домашен терен против Мемфис, Вориорс ќе имаат можност да постават апсолутен рекорд во лигата и регуларниот дел од сезоната да го завршат со едноцифрен број на порази.
 
Голден Стејт предводен од Стеф Кари (37 поени), успеа по 19 години и 33 порази да слави на теренот на Сан Антонио. Исто така актуелните шампиони ја прекинаа низата од 39 домашни победи на Спарс оваа сезона. Сметајќи го и финишот на минатата сезона, Сан Антонио имаше низа од 48 победи пред своите навивачи.
 
Играчите на Голден Стејт оваа сезона, како гости остварија 37 победи и три порази, што исто така е нов НБА рекорд.
 
Покрај дербито, интересни средби се одиграа во Лос Анџелес односно Хјустон. ЛА Клиперс го совладаа Далас 98:91, а Хјустон ги задржа шансите за пласман во плејофот со триумфот над Лејкерси 130:110.
 
Далас е седми на Западот, има скор 41-39 и математички сѐ уште нема обезбедено пласман во разигрувањето, осмата позиција ја држи Јута 40 победи и порази, а Хјустон е деветти (39-41).
 
Натпреварот во Хјустон мина во шутерската пресметка на Џејмс Харден и Коби Брајант. Харден имаше учинок од 40 поени и 13 асистенции, додека Коби го одигра најдобриот меч сезонава постигнувајќи 35 поени.
 
Резултати: Вашингтон-Шарлот 113:98, Денвер-Јута 84:110, Филаделфија-Милвоки 108:109, Индијана-Бруклин 129:105, Мајами-Орландо 118:96, Њујорк-Торонто 89:93, Хјустон-ЛА Лејкерс 130:110, Сан Антонио-Голден Стејт 86:92, ЛА Клиперс-Далас 98:91.