Македонија
6. March 2017 - 16:17

Груевски за ХРТ: Платформата создавана во друга држава која граѓаните не ја гласале на избори може да се оцени како државен удар

Платформата создавана во друга држава која граѓаните не ја гласале на избори може да се оцени како државен удар, вака лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски ја оценува акутуелната состојба во Македонија за хрватскиот јавен сервис. Во интервјуто за ХРТ, Груевски вели дека постојат само две решенија за излез од кризата кои се прифатливи за ВМРО – ДПМНЕ.

-Постојат два начина да се реши кризата кои ние јавно ги понудивме- едно е да има предвремени избори во месец мај заедно со локалните на кои Заев ќе излезе со оваа платформа, а вториот начин е Заев да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, да се откаже од платформата, а да добие малцинска влада со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.

Господине Груевски како ја коментирате актуелната политичка ситуација во Македонија, дали е тоа државен удар?

-Па на некој начин државен удар е кога после изборите ќе се донесе платформа во друга држава, а ќе се однесува на вашата држава, во случајот на нашата држава, Република Македонија. Кога таа платформа не е изнесена пред граѓаните на избори и кога граѓаните не се согласуваат, кога таа платформа е спротивна на Уставот на државата и кога политичарот кој што ја прифаќа таа платформа е уценет. Граѓаните не гласаа за таа платформа, тие не знаеја за таа платформа само месец или два пред изборите дека Зоран Заев ќе прифати таква платформа, и со таа платформа мнозинството Македонци ќе се однесат во опозиција со цел малцинството Македонци и мнозинството Албанци во Македонија да ја донесат таа платформа. Така гледано може да се каже дека е еден вид на државен удар, вели Груевски.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ во интервју за ТВ Пинк вели дека голем број од елементите во платформата се спротиставуваат со уставот на Македонија и според него се прави обид мнозинството Македонци да бидат опозиција во својата држава.

Во интервјуто за ХРТ и телевизија Пинк, Груевски ги пренесува ставовите на ВМРО – ДПМНЕ за платформата на албанските партии, порачувајки дека плановите на ДУИ и СДСМ се прочитани од страна на граѓаните кои јавно се спротиставуваат на ваквите обиди за менување на државата.