Груевски - Ли: Кина е заинтересирана и ја поддржува соработката со Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска во Пекинг оствари средба со премиерот на Народна Република Кина, Кечијанг Ли.
На средбата, соопшти владината прес-служба, соговорниците го поздравија позитивниот развој на односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина кои се одликуваат со пријателство, взаемно разбирање и меѓусебна поддршка. Соговорниците ги истакнаа и економските односи кои бележат нагорен тренд и позитивен развој.
Премиерот Груевски посочи дека Република Македонија ја поддржува иницијативата на НР Кина за соработка со земјите од Централна и Источна Европа во рамките на процесот 16 плус 1, што ќе придонесе за продлабочување на односите и економски развој на земјите.
Тој изрази задоволство од успешниот тек на изградбата на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, кои се реализираат во соработка со кинеската Влада и Ексим банката.
Премиерот Груевски го афирмираше интересот и подготвеноста на македонската Влада за шест нови заеднички проекти кои би се реализирале во Република Македонија како резултат на взаемна соработка.
- Предложивме нови конкретни проекти за соработка од повеќе области, од сферата на енергетиката, градежништвото, индустријата, проекти од инфраструктурен карактер. Врачивме вкупно шест проекти кои се ставени на хартија, со претходна добра анализа и сите најпотребни информации, за што имаше позитивен прием од страна на кинескиот премиер и подготвеност да се разгледаат од нивна страна во периодот што следува, изјави по средбата премиерот Груевски.
Претседателот на македонската Влада на средбата истакна дека кинеските компании се добредојдени за инвестиции во Македонија, при што ги образложи поволните услови за водење бизнис, поволниот даночен пакет, реформите кои се преземаат и можностите кои им стојат на располагање на компаниите кои имаат намера да го прошируваат своето производство.
Премиерот Кечијанг Ли посочи дека НР Кина е заинтересирана и ја поддржува соработката со Македонија. Тој даде позитивна оценка за економските политики на нашата земја и изрази надеж дека во наредниот период ќе се реализираат дополнителни заеднички проекти во областите од взаемен интерес.
Договорено е, се додава во соопштението, во идниот период претставници на двете страни да работат на финализирање на повеќе проекти кои се од заедничко значење и ќе придонесат за дополнително интензивирање на заедничките односи.
Премиерот Груевски присуствуваше и на приемот кој е организиран по повод кинеската иницијатива за соработка на земјите од Централна и Источна Европа со НР Кина при што се сретна со претседателот на НР Кина, Џипинг Си.
Соговорниците ги потврдија пријателските односи меѓу двете земји за што сведочат и интензивираните средби на највисоко ниво од македонска и кинеска страна, и изразија задоволство од нагорниот тренд на развој на меѓусебните односи кои ги следи и зголемена економска активност.
Премиерот Груевски посочи дека НР Кина е значаен пријател и поддржувач на Република Македонија и се заблагодари за досегашната поддршка во рамките на глобалните иницијативи и организации.
Претседателот Џипинг Си истакна дека НР Кина во регионот на Централна и Источна Европа, во кој припаѓа и Република Македонија, гледа огромен потенцијал за зголемена соработка и за економски развој.
Ново на Сител
-
Утре облачно, од среда со попладневен локален пороен дожд
-
Од утре тим специјалисти ќе ја утврдува состојбата на секој пациент од пожарот во Кочани
-
Кривична за градоначалникот на Крива Паланка, дозволил поставување урбана опрема на угостителски објект без да се исполнат условите
-
Лекари: Ракот на Бајден е неизлечив, но има добри вести
-
Од што боледува Бајден, кои се неговите опции за лекување?
-
Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за уставен судија
-
Пожарот во викендицата на Пандов бил нарачан
-
Клековски би прифатил да биде министер за здравство, но со соодветна замена во ФЗО