Македонија
9. October 2017 - 8:45

Груевски: Бесплатен здрав оброк за учениците од прво до петто

 Бесплатен здрав оброк за ученици од прво до петто одделение во сите општини каде ќе победи градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и каде партијата ќе има мнозинство во советот,  вети вечерва пред струмичани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот на коалицијата „За подобра Македонија“.

- Со овој проект ќе обезбедиме бесплатен здрав оброк во училиштата. Придобивките се повеќекратни, децата добиваат секојдневно здрава храна, што е важно за нивното здравје и создавање добри навики за користење на производи кои се корисни за нивниот развој, истакна Груевски.

Менито, рече тој, ќе биде подготвено во соработка со нутриционисти и прилагодено на возраста на децата. Ќе се избегнува користење на т..н. брза храна.

- Директно се помага домашниот буџет на секое младо семејство, а родителите имаат заштеди од околу 600 денари месечно за едно дете или за цела учебна година околу 5.400 денари. Ако има две деца, заштедите се двојно поголеми. Во училиштата во кои е предвидена целодневна настава родителите ќе имаат значајно пониски трошоци во однос на сегашните, само ќе доплаќаат за вториот оброк во текот на денот, додека првиот оброк ќе биде бесплатен, рече Груевски.

Тој додаде дека согласно финансиските можности на општините во текот на четиригодишниот мандат ќе работат на тоа овој проект да се прошири и на повисоките одделенија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред присутните граѓани рече дека остануваат уште само неколку дена и мигот на одлучување од кој ќе зависи по кој пат Македонија ќе тргне. Tој на граѓаните им порача дека нивната одлука е многу важна и конечна бидејќи тие го имаат последниот збор.

- Запомнете дека само граѓаните на Македонија, вие одлучувате за заедничката иднина, за иднината на нашите градови и села и за иднината на нашата држава. Ние ја добиваме нашата моќ и сила од Македонија и народот на оваа земја, порача Груевски.

Според него лицето кое го води СДСМ не вреди, а граѓаните заслужуваат подобро.

- Вие заслужувате подобро. Затоа што овој човек не е загрижен за намалување на невработеноста, не е загрижен за развојот и напредокот на нашите градови и општини, за обезбедување на среќата и спокојството на вашите семејства, обвини Груевски.

Попладнево коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во Радовиш каде на граѓаните им беше ветено реконструкција на плоштадот во современ градски плоштад, изградба на нов цевковод и нов резервоар со кој трајно ќе се реши проблемот со водоснабдувањето во населба Куклевица, целосно уредување на речното корито на Радовишка реката во должина од 4,5 километри.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред радовишани вети и изградба на пешачка патека покрај речното корито, а вкупната вредност на овој проект изнесува еден милион евра. Во план е и уредување на речното корито на Оровичка река.

- Ќе изградиме нов пешачки мост на Радовишка река, посветен на најмладите, ветуваме изградба на нова детска градинка со што ќе се задоволат потребите за згрижување на повеќе дечиња од предучилишна возраст, ветуваме и изградба на спортска сала, како и изградба на спортска сала во склоп во основното училиште Орце Николов, предвидуваме и изградба на мултифункционално игралиште, а гаранција за сето ова дека ќе се исполни е Сашко Николов, нагласи Груевски.

На митингот во Радовиш лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие се партија на граѓаните на Македонија, на народот во Македонија и дека тие се гаранција за силна и сигурна Македонија.