Македонија
7. March 2018 - 16:26
Грците му се налутија на Заев, НАТО нема план Б за Македонија
,,Провокација од Заев - бара да се отвори грчкиот Устав‘‘, е само еден од многуте наслови во грчките медиуми, на вчерашната изјава на македонскиот премиер, во која препорача да се отвори и грчкиот Устав за се види како Грција води грижа за Грците надвор од земјата, и на ист начин во македонскиот устав да се дефинира грижата за своите граѓани во странство.
Освен, како што се наведува ,,провокацијата од Заев‘‘, се пренесува и ставот на премиерот дека иредентизмот во земјава е решен и дека предлогот за меѓународен договор наместо промена во македонскиот устав, е гаранција за спогодбата.
,,Прото тема‘‘ анализира дека македонската страна зацврстува одредени позиции и одбива непреведено име, промена на Уставот и промена на името за внатрешна употреба. Весникот коментира дека почетната клима на еуфорија сега е заменета со мудрост, а пресвртна точка била средбата на шефовите на дипломатиите на двете земји минатиот месец во Виена.
Скај телевизија, пак објави интервју со заменик-генералниот секретар на НАТО Роуз Готмелер, во кое таа оценува дека е многу добро што прашањето за името е високо на агендата и се надева дека може да се создаде позитивен моментум.
,,Ние внимателно следиме, многу е интересно колку темата е високо на агендата, бидејќи тоа е нешто што е многу добро. Знам дека неколку години беше тргнато настрана. Според тоа, ние се надеваме дека може да се создаде еден моментум, на позитивен начин‘‘, истакна Готмелер.
Сепак, Готмелер открива дека НАТО нема план Б, доколку не се најде решение во спорот за името до самитот на Алијансата во јули, освен политиката на отворени врати.
,,Мислам дека тоа што би требало да го знаат вашите гледачи е дека што се однесува до НАТО, одлуките од Самитот од Букурешт, кои сега, во 2018 се веќе 10 години стари, навистина ја даваат сликата дека вратата е отворена. Ние не сме фокусирани само на ПЈРМ, ние работиме и со БиХ, и со неа има континуирана и активна дискусија. Но исто така работиме и со Грузија и Украина, кои притискаат во нивните реформски програми‘‘, вели Готмелер.
Заменик-генералниот секретар на НАТО додава дека земјите би требало да имаат можност самите да ги одберат нивните безбедносни односи, и дека не постои никаква контродикторност одредена земја што има добри односи со НАТО, во исто време да има добри односи со Москва.
-
Валентин Николоски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->