Грчките земјоделци денеска ќе одлучат дали ќе продолжат со протестите и блокадите или ќе се повлечат

По вчерашната четиричасовна средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, земјоделците попладнево на состаноци на блоковите ќе го разгледаат исходот од разговорите и ќе донесат одлука, дали ќе продолжат со протестите и блокадите што траат веќе 52 дена или ќе се повлечат, јави дописничката на МИА од Атина.
Првичната реакција на земјоделците кои присуствуваа на средбата со Мицотакис, беше дека не се многу задоволни од дискусијата.
Меѓу блоковите што во текот на денешниот ден ќе одлучуваат за следните чекори, се и земјоделците на граничниот премин Евзони, кои од 1 декември ги имаат паркирано нивните трактори на грчката страна и повремено го блокираа сообраќајот за сите возила.
Во исчекување на денешните одлуки, граничните премини и патиштата остануваат отворени.
Грчкиот премиер синоќа, кусо по средбата со земјоделците, учествуваше на конференција, на која се осврна и на протестите и блокадите и изрази умерен оптимизам, но и подготвеност да се справи со секоја ситуација.
– Сакам да верувам дека ќе надвладее логиката. Ќе одржат состаноци, а мислам дека и општеството е веќе исцрпено од овие 50 дена протести. Со останувањето на блокадите, нема да добијат ништо повеќе. Мислам дека ова е нешто што и самите го имаат сфатено. Јас сум умерено оптимист, но и подготвен да се справам со секоја друга ситуација, посочи Мицотакис.
На состанокот во Премиерската палата вчера присуствуваше делегација од 25 претставници и шестмина набљудувачи одредени од земјоделците од 62 блока од цела Грција, а ставот на Владата е дека веќе се преземени иницијативи за прашањата што земјоделците континуирано ги покренуваат, но и дека не постои дополнителен простор за нови мерки за поддршка.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, со блокади на автопатишта, патишта, гранични премини, а тракторите и понатаму се на улица, паркирани во една коловозна лента.
Грчкиот премиер минатиот вторник се сретна со претставници на околу 18 земјоделски блокови од целата земја, односно со оние кои уште од минатиот месец се одвоија од останатите земјоделци и побараа дијалог со Владата, а во текот на вчерашниот ден, ги повлекоа тракторите од патиштата.
МИА
Ново на Сител
-

Разузнавачки агенции: Кина гради мрежи од компромитирани уреди за кибер-активности
-

Мицкоски: Ќе има дополнителни мерки за нафтената криза, се бориме напорно и во исто време се бориме со хаосот кој го наследивме
-

Мицкоски: Фетаи ќе се врати во Брисел, реконструкцијата ќе биде на крајот на мај или јуни, можни се ротации на ресорите
-

ЕУ официјално го одобри заемот за Украина и воведе нови санкции против Русија
-

Српската полиција уапси македонски државјанин осомничен дека сторил кривично дело измама
-

Утре без струја општините Студеничани, Петровец, Карпош и Гази Баба
-

Ангелов: Во Битола, на Тумбе Кафе пронајдени 1.067 неексплодирани убојни средства од Првата Светска војна
-

Посебен режим на сообраќај во Скопје во недела поради меморијална трка
