Грчки медиуми: Република ГорнаМакедонија (споено) е решението!?
Медијаторот Нимиц пристигна во Скопје. Со македонските соговорници очекува добри средби, какви што имал во Атина.
Нимиц, официјалните состаноци ќе ги има утре и тоа редоследно со претседателот Иванов, премиерот Заев, министерот Димитров и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ Мицкоски и Ахмети.
,,Имав добри средби во Атина и се надевам дека ќе имам добри средби и овде. Со нетрпение ги очекувам средбите со владата и со другите личности. Немам што да додадам‘‘, изјави Нимиц.
Во пресрет на средбите со Нимиц, од владата повторија дека сега е вистинскиот моментум за решение.
,,Да, сега е вистинското време да се изнајде решение. Постои и политичка волја и градење односи со Р. Грција кои што се на едно повисоко ниво, од се што било досега во претходниве години‘‘, изјави портпаролот Бошњаковски.
Портпаролот на владата не беше дециден дали биле известени за нацрт спогодбата што Грција ја подготвува како крајно решение, но потврди дека работат заедно.
,,Преговорите се водат под медијаторство на медијаторот Метју Нимиц во рамките на ООН. Во рамките на таа рамка се водат и директни средби помеѓу министерствата за надворешни работи и после Давос тоа се крена на еден степен погоре, односно на премиерите. Преговорите се водат така што взаемно ги работиме сите работи, заедно‘‘, вели Бошњаковски.
Во меѓувреме, грчкиот весник Ефимерида тврди дека Нимиц дошол во Скопје со решение за името, кое не е ниту Република Нова Македонија, како желба на Скопје, ниту Република Вардарска Македонија, желба на Атина.
Според весникот, кој се повикува на веродостоен извор, Нимиц на маса ќе го стави името Република ГорнаМакедонија, споено и без превод на англиски. Притоа се тврди дека името ќе се изговара како еден збор, за да не се користи само терминот Македонија.
Ефимерида тврди дека двете страни всушност постигнале согласност за се, односно дека наскоро ќе се потпише договор за името, промени во уставот на земјава, но и обврските за Грција во следниот период.
Во договорот експлицитно ќе е наведено дека БЈРМ ќе го промени уставот и спорните членови во одреден временски период, за да до 20-ти март истиот биде депониран во Обединетите Нации. Истиот извор наведува дека земјава ќе се претвори во ,,еден вид кантон‘‘ на Грција со посебни развојни клаузули, економски и комерцијални врски.
Разговарано е и за црквата, која според Ефимерида ќе се нарекува, Охридска Архиепископија.
Инаку, од владата потврдија дека како чин на добра волја наскоро ќе се донесе одлуката за преименување на аеродромот и на автопатот, од ,,Александар Велики‘‘ во ,,Пријателство‘‘.
-

Валентин Николоски
Сите содржини од овој новинар
