Балкан
4. March 2020 - 13:17

Грчката Влада ги демантира вестите за убиен мигрант на границата со Турција

Не постои инцидент со пукање од грчките власти, рече портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на денешниот редовен брифинг со новинарите, категорично демантирајќи одредени вести од утрово, за наводно повреден, а потоа и за убиен мигрант на границата со Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

-Турската страна креира и шири лажни вести врз нашата земја. Уште една таква лажна вест, креираа денеска, за наводна повреда од грчки истрел. Категорично го демантирам, рече портпаролот на грчката Влада на почетокот на брифингот.

Неколку минути подоцна објасни дека веста за повредено лице, станала вест за убиено лице и уште еднаш го повтори неговиот демант.

-Бидејќи на лажните вести им нема крај, и додека пред малку говореа за повреден, сега говорат за мртов. Уште еднаш го повторувам мојот демант. Не постои таков инцидент со пукање од грчките власти, истакна Пецас.