Балкан
3. October 2016 - 14:08

Грчката полиција употреби солзавец против пензионерите

Грчката полиција употреби солзавец за да ги растера стотиците пензионери кои денеска протестираа поради мерките за штедење и намалување на пензиите во центарот на Атина.

Околу илјада пензионери се собраа во близина на владината зграда, скандирајќи пароли и изразувајќи незадоволство од, според нив, „незаконското и бесчувствително одземање на нивните доходи“.

Тие тврдат дека „нивните средства за пензиско осигурување, кои биле издвојувани со години, можат да бидат загубени“.

Десетици од нив, кои беа на чело на протестите, се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да превртат автобус на интервентната полиција, по што беше употребен солзавец.

Грчката Влада оваа година ги намали пензиите во рамки на преземените обврски кон меѓународните кредитори, со цел да биде одобрен третиот спасувачки пакет финансиска помош за земјата.