Граѓаните очекуваат поголеми намалувања на цените
Од денеска нови, намалени цени на горивата, откако стапија во сила законските измени, кои се дел од пакетот антикризни мерки. Бензините се продаваат по цена од 86,5, односно 88,5 денари, а дизелот за 88 денари, што претставува намалување за 6,5, односно за 9 денари.
Денеска не се очекува нова пресметка на цените на горивата, што укажува дека нови измени би имало најрано во вторник.
По замрзнување на маржите се забележува и намалување на цените на дел од основните производи. За граѓаните тоа не е доволно. Се надеваат на дополнителни мерки.
Последните податоци покажуваат дека само за основните потреби едно четиричлено семејство има месечни трошоци од 36.146 денари, што значи дека повторно не се доволни две минимални плати, иако се зголемени на 18.000 денари.
Тоа што за една година семејниот месечен трошок пораснал за скоро 2.500 денари, ги крена на нозе синдикалците.
Од Сојузот на синдикати на Македонија за Сител велат дека веќе прават анализи и креираат дополнителни мерки. Очекуваат на состанок во синдикатот во текот на утрешниот ден да ги додефинираат и усвојат, после што ќе ги испратат како официјално барање до Владата, со цел да се зачува куповната моќ и стандардот на граѓаните.
Поради нечесно пазарно однесување од страна на трговците, министерот за економија Бектеши преку писмен допис побара од пазарната инспекција засилени контроли на терен. За непочитување на законските одредби покрај парична казна, предвидена е и казна забрана за вршење дејност и должност до 1 година.
Според владиниот план, пакетот антикризни мерки има за цел за ја заузда инфлацијата и да го зачува животниот стандард на граѓаните, кој е значајно поткопан. Статистика пресмета дека за една година најмногу поскапеле токму горивата, за над 70%, што го поскапе транспортот за 20%. Голем е и растот на цените на основните производи за прехрана. Лебот поскапе за 11%, маслото за 24%, зеленчукот за 18, а овошјето за 10%.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
