Градот Скопје донесе мерки за намалување на загаденоста
Стартуваат интервентни мерки за справување со аерозагадувањето. Од попладнево веќе е бесплатен јавниот превоз во главниот град и во државните и во приватните автобуси, со цел да се намали фрекфенцијата на возила.
Според поранешната директорка на Инспекторатот за животна средина, потребни се системски решенија за справување со аерозагадувањето, а не ад-хок мерки од локалните власти. Само на тој начин може на среден и долг рок да се справиме со овој проблем.
Од Град Скопје донесоа и повеќе препораки, со кои надлежните институции ќе вршат засилени контроли над инсталациите, потоа на издувните гасови на возилата во сообраќајот, како и на градилиштата за тоа дали камионите кои излегуваат оттаму се исчистени.
Градот бара од МВР да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот.
Товарните возила чија крајна дестинација не е главниот град да се пренасочуваат по обиколницата. Се препорачува и да се откажат јавни собири, спортски и културни настани на отворено.
Петровска вели, за намалување на загадувањето на воздухот потребно е да се направи многу повеќе од препораки.
Од Град Скопје апелираат до граѓаните, а особено до вработените во институциите да го користат јавниот превоз, а движењето на јавен простор да го сведат на минимум.
Согласно законот, итните мерки за намалување на загадувањето на воздухот се воведуваат бидејќи два дена по ред загадувањето е над 150 микрограми, а ќе бидат на сила сè додека ПМ честичките не спаднат под 100 микрограми на кубен метар.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
