Македонија
21. November 2023 - 17:01

Градинката во Прилеп две години чека отворање, партиите меѓусебно се обвинуваат

Продолжуваат партиските препукувања во Прилеп за градинката во населбата Точила која требаше да биде готова во уште во 2021, но до денес не е отворена. Нејзиниот капацитет е 250 дечиња. Пратеникот од редовите на СДСМ, Миле Талевски истакна дека поранешната локална власт предводена од СДСМ, на сегашниот градоначалниук од ВМРО-ДПМНЕ му оставила комплетно готов објект само да го пушти.

„Рокот кој ние презедовме со тогашната локална самоуправа е комплетно испочитуван и градинката е комплетно изградена. Новата локална самоуправа која имаше обврска само да ја стави во функција градинката, веќе 2 години ги држи во заложништво жителите од таа населба“, изјави Миле Талевски, пратеник од СДСМ.

Актуелниот градоначалник Јовчески истакна дека комплетна лага и дека објектот бил готов, за што достави и фотографии како го примил и дека истиот имал огромни пропусти и за него немало платено ниту денар на изведувачот.

„Објектот имаше пропуштено плоча, цели преградни ѕидови имаше промашено, конструкција која што не можеше да ја задржи влагата од темелот, паралелно го пуштивме и проектот за огбраден ѕид кој исто така беше испуштен“, истакна Борче Јовечески, градоначалник на Прилеп.

Наскоро се очекувало да има технички прием, по што ќе се чека согласност од Министерството за труд и од Финансии за нови вработувањата. За овој голем објект потребни се 40-тина нови вработувања од повеќе профили.