Балкан
28. January 2016 - 23:08

Грабар-Китаровиќ: ЕУ да постави критериуми за прифаќање бегалци

ЕУ треба да се договори околу критериумите за прифаќање мигранти и како да ја обезбеди грчката граница, од каде доаѓаат поголем дел од нив и заминуваат во Европа, изјави денеска во Варшава хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.

Таа се сретна со полскиот претседател Анджеј Дуда, со кој разговараше за мигрантската криза, безбедноста во регионот по повод руските закани и поблиската економска и трговска соработка.

Грабар-Китаровиќ по состанокот на новинарите им рече дека ЕУ треба да постави критериуми за прифаќање бегалци и економски мигранти, како и да разгледа начини за обезбедување на границите со Турција, во исто време заземајќи хуманитарен пристап кога станува збор за кризата.

- Мораме да работиме заеднички и да решаваме проблеми каде и да се појават, истакна шефот на хрватската држава.

Осврнувајќи се на самитот на НАТО, што ќе биде одржан во Варшава, Грабар-Китаровиќ рече дека се надева оти Алијансата ќе делува брзо на прифаќањето на Црна Гора во членство, што ќе помогне за јакнење на безбедноста на Балканот.