Македонија
21. November 2015 - 11:32

Гордана Јосифова Неделковска одликувана со орденот на уметности и книжевност на Франција

Музичкиот селектор на фестивалот Охридско лето,  Гордана Јосифова Неделковска, е одликувана со престижниот орден  на Република Франција „Витез од Редот на уметности и книжевност“ за нејзините достигања во промоцијата на уметноста во Македонија и на македонската уметност надвор од земјата, како и за поддршка на промоцијата на француската култура во Македонија.

Одликувањето синоќа на свеченост во француската резиденција и го врачи амбасадорката на Франција, Лоренс Оер, која го истакна нејзиниот придонес во ширењето на француската култура и уметност.

- Француската Влада сака да ѝ оддаде признание на Јосифова Неделковска, посебно во областа на уметноста, и збогатувањето на вредностите во делот на културата.  Со ова одликување Франција сака да ѝ покаже колку ја почитува нејзината работа и придонесот во промоцијата на француската култура, изјави амбасадорката Оер.

Одликувањето  „Витез на уметноста и книжевноста“ , кое го доделува француското Министерство за култура и комуникации, спаѓа во четирите најважни одликувања во Франција. Во присуство на амбасадори, директори на голем број културни институции, уметници, пријатели и семејството, Јосифова Неделковска се заблагодари за честа да биде носител на ова мошне угледно признание на Француската Република.

- Особена чест ми претставува тоа што моите долгогодишни заложби и постигнати резултати биле препознаени и вреднувани од страна на Министерството за култура на Република Франција, а по иницијатива на амбасадорката на Република Франција во Македонија, нејзината екселенција Лоренс Оер. Да се доживее ова е повеќе од привилегија, за што сум бескрајно благодарна, но истовремено ова ми дава толку возвишено  чувство, што го чувствувам и доживувам како подарок од Бога. Ова признание ме прави бескрајно среќна, но уште повеќе ме задолжува во моите понатамошни вложувања, рече Јосифова Неделковска.

Успехот, според  Јосифова Неделковска,  е тимска работа на истомисленици, креативци, луѓе предадени на работата, кои веруваат дека најголемата доблест е да се работи за општо добро.

- Јас имам привилегија да работам токму со такви колеги, и токму заради ова институциите во кои што делувам се впишуваат во листата на успешните. Затоа оваа голема награда , пред се, на фестивалот Охридско Лето, Факултетот за музичка уметност - Скопје, ова е награда за Македонија, нагласи селекторката на Охридско лето, која е и декан на Факултетот за музичка уметност и врвен обоист.

Таа наградата ја посвети на музиката, која според неа, има моќ да го менува светот.

На церемонијата на доделување на орденот Витез, во резиденцијата на француската амбасадорка присутни беа директорката на Охридско лето, Елизабета Јанкуловска и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

Најпрестижниот фестивал во Македонија, Охридско лето, во рамките на фестивалската програма во соработка со Француската амбасада и Францускиот културен центaр од Скопје, како и Охридска банка АД Скопје - Societe Generale Group, традиционално организира „Француска вечер“  со концерти  на  врвните уметници од Франција.  

Одликувањето Витез од редот на уметности и книжевност се доделува од 1957 година и е едно од најпрестижните одликувања во оваа сфера. Одликувањето се доделува секоја година и го добиваат заслужни професионалци во Франција и исклучителни личности надвор од Франција. Во минатото одликувањето се доделувало само на француски државјани, а во поново време членови на Редот на уметноста можат да бидат и странски државјани. Меѓу носителите ан одличјето се и Кејт Бланшет, Џорџ Клуни, Шакира, Роберт Редфорд, Пол Остер и други.