Голема акција во Битола, затворени угостителски објекти
Дрога, лажен сертификат, лица без сертификати се пронајдени при акциска контрола на угостителски објекти во Битола, а четири објекти се запечатени.
Акциската контрола беше спроведена рано утрово од 1:30 до 4:30 часот од страна на полициски службеници од Бирото за јавна безбедност при МВР во координација со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд.
-При тоа, во два ноќни клуба е пронајдена дрога (прашкаста материја и марихуана) и ќе бидат поднесени кривични пријави по член 215 од Кривичниот законик, едно лице употребило лажен ковид сертификат и за тоа ќе следува соодветна кривична пријава, а до надлежното обвинителство ќе биде поднесен поднесок и против сопственик на објект кој упатувал закани кон полициските службеници и инспекциските служби, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Од МВР информираат дека ќе следат и соодветни поднесоци затоа што во ноќен клуб е затекнат малолетник по 24 часот. Биле констатирани прекршоци и по законот за пушење, но биле затекнати и лица без сертификати.
-42 лица биле пуштени во четирите угостителски објекти без да поседуваат ковид сертификат и тие се запечатени од страна на Државниот пазарен инспекторат и ќе следат соодветни поднесоци. Исто така, констатирани се и случаи на неиздавање на фискална сметка, а од страна на Државниот инспекторат за труд се констатирани 27 прекршоци за работење без договор за вработување.
МВР најави дека акциските контроли продолжуваат и во наредниот период.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
