Голем интрес за проектот "Купи Куќа за Млади"
Од февруари граѓаните до 35 годишна возраст ќе се примаат апликации за проектот Купи куќа за млади. Дотогаш владата очекува во собранието да бидат донесени потребни измени на законот за мерката да стапи на сила. Владата нуди до 33 илјади евра субвенции за купување, изградба или доградба на куќа. При тоа може да се избире еден од двата модела „Субвенција на месечната рата“ или „Субвенција на учеството“.
- Во првиот модел, да речеме ако сака да се направи куќа до 100 квадрати. За таква куќа потребни се околу 30 илјади евра кредит од банка. На 30 илјади евра кредит месечната рата е од 200 до 210 евра. Првите 8 години 160 до 165 евра од од ратата плаќа владата, а 40 до 45 евра плаќа лицето што ќе ја купи или гради куќата. Потоа уште 3 години по половина од ратата плаќаат владата и корисникот, значи 105 евра плаќа владата и 105 евра лицето. Така, вкупно 11 години владата дава поддршка во плаќањето на ратата и таа поддршка е огромна и за 14 години достигнува околу 20 илјади евра за кредит со главница од 30 илјади евра, вели Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Во вториот модел „Субвенција за учество“, Владата субвенционира 100 отсто од потребното учеството од кредитот за купување на куќа. Така, во зависност од висината на кредитот може да се добијат од 7,5 илјади евра за кредит од 30 илјади евра, па се до 12,5 илјади евра за кредит од 50 илјади евра.
За да се аплицира за субвенциите потребно е примањата на поединицот да не надминуваат 900 евра или 1300 евра ако се работи за брачен пар. При тоа возраста на еден од сопжруниците не треба да надминува 35 години.
- Потребно е исто така лицето да нема на сопствено име куќа или ако има да ја продаде за да направи поголема и дозволуваме исто така и надградба ако живее со родители. Тогаш родителот на кого гласи правото на имотот треба да се откаже од правото на градба во име на детето и така синот или ќерката ќе може да користат владини субвенции. Исто така, ако се наследници на она што го нарекуваме идеален дел од имотот, ако имаат помалку од 50% од тоа наследство, повторно имаат право да аплиоцираат. Значи, оставаме можност, и ова е на база на разговори со граѓаните, сите оние барања да ги прифатиме за што поголем број на млади луѓе да можат да го решат прашањето на сопствен дом, вели Ставрески.
Од среда заинтересираните граѓани ќе може да се информираат за субвенциите во канцеларијата на министерството за финансии отворена специјално за оваа намена.
-

Филип Момировски
Сите содржини од овој новинар
