Ѓорѓиевски: На 2 ноември масовно да излеземе на гласање и заедно да му го вратиме сјајот и редот на нашето Скопје

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски вечерва на завршниот митинг пред гласање за вториот круг на Локалните избори, ги повика граѓаните на главниот град в недел масовно да излезат да гласаат и да испратат порака дека Скопје избира работа и човек кој знае, умее и им покажал како се сака својот град.
- Стоиме заедно во пресрет на конечната одлука, ова е одлука за судбината на нашиот град. Одлука за тоа во каков град сакаме да имаме ние и во каков град сакаме да живеат нашите деца. Нашиот град е уморен од хаос, уморен е од нечистотија, од сообраќаен метеж во кој губиме часови од нашиот живот, од празни ветувања и од неспособност, рече Ѓорѓиевски.
Скопје, нагласи тој, е град со сериозни, длабоки и наталожени проблеми и овие проблеми не се решаваат со учење во од и со празни фрази, туку бараат сериозни, искусни и итни решенија.
- На Скопје, почитувани, не му требаат експерименти, на Скопје не му требаат луѓе кои допрва ќе се учат што е локална самоуправа. Не му требаат луѓе кои допрва ќе откриваат што е тоа Генерален урбанистички план, што е Детален урбанистички план, што е физибилити студија, што е главен проект, а што е буџетско планирање, истакна Ѓорѓиевски.
Градот, додаде тој, бара човек кој знае што прави уште од првиот ден, затоа што Скопје нема време за губење, ниту пак за учење.
- Немаме време некој допрва да учи колку училишта има во Скопје, да учи колку претпријатија има, да учи кои се булеварите во главниот град, да ги учи каде се скопските населби. Ние во изминатите четири години докажавме како се работи, а пред неколку дена на дуел, нивното незнаење, лажната скромност и преголемата амбиција и доживеа целосен дебакл, рече Ѓорѓиевски.
Во обраќањето до скопјани, Ѓорѓиевски истакна дека сега пред нив ја бара довербата со дела оставени зад него, посочувајќи дека за Кисела Вода вети 70 километри асфалтирани улици, и испорача, вети нови градинки, и тоа го реализиравме, и листите на чекање ги сведуваме на нула.
Ѓорѓиевски рече, имаме јасен план, со стотици проекти во нашата програма и знаеме како да го решиме сообраќајниот колапс.
- Ќе ја одблокираме клучката Момин Поток, ќе го пробиеме булеварот Хрватска за да ги споиме Гази Баба и Бутел, ќе го завршиме булеварот АСНОМ со новиот мост за да ги споиме Аеродром и Гази Баба, ќе го прошириме булеварот Цветан Димов во Чаир со шест ленти. Ќе го изградиме Февруарски Поход со нов мост преку Вардар, со кој Аеродром добива целосно нов коридор, ќе воведеме трета лента на булеварот Александар Македонски за да нема повеќе хаос на источниот дел од градот. Ова не се само линии на хартија, ова се артерии кои ќе го оживеат градот, истакна Ѓорѓиевски.
МИА
Ново на Сител
-   
           Ѓорѓиевски: На 2 ноември масовно да излеземе на гласање и заедно да му го вратиме сјајот и редот на нашето Скопје
-   
           Мицкоски: Темелот е поставен, по изборите почнува фазата на жестока работа и големи резултати
-   
           Талент од Македонија меѓу најдобрите на „Пјер Карден“ во Париз | Марија Роглева | Sitel Podcast 120
-   
           Русија: За да биде потпишан мировен договор, Токио треба да се откаже од антирускиот курс
-   
           Бројот на жртви во полициската операција во фавелите во Рио де Жанеиро се искачи на 121
-   
           Божиновска: Кога жените водат, енергетиката свети посилно – не чекајте дозвола, заземете го вашето место
-   
           По новите докази ФФМ изрече уште една доживотна суспензија за инцидентот на дуелот Беса – Аеродром 2018
-   
           Гордост и успех за македонските студенти! Прием на ФФОСЗ за каратистите и кикбоксерите по меѓународните успеси





