Свет
21. December 2016 - 12:14

Германските истражни органи очекуваат нови апсења за нападот на Божиќниот пазар во Берлин

Германските власти се уште трагаат по одговорните за терористичкиот напад што во понедленикот се случи на Божиќниот пазар во Берлин, откако лицето кое беше уапсено веднаш по настанот беше ослободено поради недостиг од докази.

Во меѓувреме, пренесе ДПА, терористичката група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот.

Полицијата во Берлин соопшти дека до синоќа се примени 508 повици од граѓани што се однесуваат на инцидентот.

Медиумите утринава јавуваат дека истражните органи се уште не е познато дали имаат конкретни траги за работа на случајот.

Според шефот на Германската истражна служба (БДК), Андре Шулц, во најскоро време се очекуваат нови апсења.

- Јас сум прилично уверен дека ние ќе имаме нов осомничен уште утре или за брзо време, изјави синоќа Шулц за телевизијата ЗДФ, додавајќи дека има „солиден доказен материјал" и „многу траги".

Во меѓувреме, властите ги засилуваат мерките за безбедност.

- Ќе го зголемиме полициското присуство и ќе ја зајакнеме заштитата на божиќните пазари. Ќе имаме повеќе патроли. Тие ќе носат автомати. Сакаме пристапот до пазарите да  го направиме потежок, па затоа и ги паркираме автомобилите во непосредна близина, изјави претседателот на групата на 16-те покраински министри за внатрешни работи, Клаус Бујон, за весникот „Пасауер ноје пресе".

Баварскиот министер Јоахим Херман додава дека ризикот од исламистички напади е зголемен заради напливот на мигранти од Блискиот Исток.