Германски научници открија антитело против ХИВ

Научници во Келн открија ново антитело против ХИВ, кое во лабораториски услови покажа способност да ја спречи инфекцијата и да го неутрализира вирусот.
Истражувачки тим предводен од директорот на Институтот за вирологија, Флоријан Клајн, проучи примероци од крв од 32 лица заразени со ХИВ кои самостојно, односно без терапија, развиле силен и широко ефективен имунолошки одговор преку антитела против вирусот, пишува Дојче Веле.
Како што се наведува, научниците во лабораторија тестирале повеќе од 800 различни антитела од тие примероци, испитувајќи ја нивната способност да го неутрализираат ХИВ вирусот, а едно од нив, означено како 04_A06, посебно се истакнало.
Ова антитело го блокира местото преку кое вирусот се врзува за клетките на домаќинот за време на инфекцијата. На тој начин се спречува влегувањето на ХИВ вирусот во клетките.
Кога вирусот ќе влезе во клетката, тој ги презема нејзините функции и ги користи за сопствено размножување, со што долгорочно го слабее имунолошкиот систем.
Се додава дека планот за производство на антителото се наоѓа во човечкиот имунолошки систем, во Б-лимфоцитите, кои, кога ќе дојдат во контакт со патогени, созреваат во плазма клетки кои произведуваат големи количини антитела, вклучувајќи го и 04_A06. Истражувачите го дешифрирале генетскиот план за негово создавање и успеале да го репродуцираат.
-Значи, веќе не е потребно да се зема крв од пациенти, туку тој генетски план може да се вметне во друга клетка и да ѝ се нареди да го произведува тој протеин, односно тоа антитело, рече Клајн.
Дојче Веле понатаму наведува дека, во експериментите на глувци кои носеле компоненти на човечкиот имунолошки систем и кои биле заразени со ХИВ, антителото 04_A06 успеало целосно да го неутрализира поголемиот дел од ХИВ вирусите.
Истражувачите спровеле тестови на околу 340 различни варијанти на ХИВ, вклучувајќи ги и оние кои веќе биле отпорни на други антитела.
„Вирусите се многу разновидни, и тоа е причината зошто е толку тешко да се лекува ХИВ, бидејќи постои голема генетска разновидност меѓу вирусите“, рече Клајн и додаде дека новооткриеното антитело успеало да неутрализира 98 отсто од тестираните варијанти.
Според него, 04_A06 би можело да им помогне на луѓето кои се веќе заразени со ХИВ, бидејќи на вирусот му го оневозможува пристапот до клетката.
„Се врзува за рецепторот на вирусот, го блокира и на тој начин го спречува да ја зарази целната клетка. Освен тоа, вирусите кои се означени со антитела полесно се препознаваат и уништуваат од страна на имунолошкиот систем. Ова антитело би можело да се користи и превентивно, за да се спречи ХИВ инфекција – ако антителото веќе постои во телото, вирусот што ќе влезе би бил веднаш запрен пред да успее да ја зарази клетката“, рече тој.
Дојче Веле наведува и дека новото антитело би можело да дејствува како т.н. пасивна имунизација, за разлика од активната имунизација која подразбира вакцина која му овозможува на телото само да произведува антитела, но засега таква вакцина не постои.
Се појаснува дека постојат истражувања со mRNA вакцина, која би требало да го поттикне имунолошкиот систем да реагира на одреден протеин од обвивката на ХИВ вирусот, но овој пристап досега е тестиран само на една варијанта на вирусот.
Во моментов, различни лекови во форма на таблети или инјекции се користат за профилакса против ХИВ инфекции, и тоа со голем успех, но таблетите најчесто мора да се земаат секојдневно.
Идејата зад профилаксата со антитела како што е 04_A06, објаснува Клајн, е тоа што може да се избегне секојдневното земање таблети, бидејќи би постоела веројатност поголема од 90 отсто инфекцијата да се спречи. „Профилаксата со антитела би се земала приближно на секои шест месеци“, рече Клајн.
Директорката на Институтот за медицинска вирологија на Универзитетот во Цирих, Александра Тркола, вели дека досега веќе се откриени и други антитела со широко дејство против ХИВ, но дека 04_A06 е дефинитивно исклучително силен претставник на таа групација. „Теоретски, 04_A06 само постигнува ефикасност која инаку се достигнува само со комбинација на повеќе антитела“, рече таа.
Шефот на Одделението за инфективни болести на Универзитетската клиника „Рехтс дер Изар“ во Минхен, Криштоф Шпинер, смета дека може да помине доста време до развој на вистински лек врз основа на 04_A06 и додава дека резултатите од Келн засега се само лабораториски податоци, поради што ефикасноста не може директно да се пренесе на реални животни услови.
„Потребни се дополнителни студии за дозирањето, безбедноста и ефикасноста на антителото“, рече тој.
Од 1981 година, кога болеста стана позната, СИДА-та одзеде 44 милиони животи ширум светот и се смета за една од најтешките епидемии во историјата на човештвото. Иако бројот на смртни случаи со текот на времето опадна благодарение на едукацијата и превентивните мерки, луѓето сè уште умираат од последиците на оваа болест, а само во 2024 година, од СИДА во светот умреле околу 630.000 луѓе.
Светскиот Ден за борба против СИДА се одбележува секој 1 декември од 1988 година.
МИА
Ново на Сител
-

Почна метеоролошката зима, календарската доаѓа за дваесет дена
-

Освен во „Димо Хаџи Димов“, во друго училиште во Карпош не се најдени патогени бактерии
-

УЈП: Повратот на средства од МојДДВ за третиот квартал не е прекинат, ниту откажан
-

За 12 часа регистрирани над 65.000 сообраќајни прекршоци
-

Лишено од слобода лицето што му се заканувало на кавадаречкиот градоначалник
-

Милевски повеќе не е селектор на македонската репрезентација
-

Нормализиран сообраќајот на ГП Дојран
-

За еден денар поевтинуваат дизел горивата
