Германија се подготвува за нова корона-стратегија, Меркел планира да воведе лесна блокада
Поради зголемениот број на пациенти со коронавирус во Германија, последните денови животот на граѓаните е прилично ограничен. Во некои делови на земјата е воведен строг карантин, а се чини дека планот е да се воведе блокада низ целата земја.
Според „Билд“, канцеларката Ангела Меркел сега планира да воведе лесна блокада. Според информациите на весникот, канцеларката и водачите на 16 провинции утре би можеле да се договорат за воведување на нова блокада.
Според неофицијални информации, оваа блокада би значела дека училиштата и градинките ќе останат отворени, освен во регионите каде што имаше драстичен скок на бројот на заразени. Исто така, продавниците би останале отворени со одредени ограничувања. Најголем удар би им се нанел на угостителските објекти и организаторите на настани, затоа што Меркел е решена да ги затвори сите ресторани, кафулиња, барови, клубови … и да забрани настани.
Германската канцеларка Ангела Меркел вчера ги предупреди граѓаните дека ситуацијата во Германија е опасна, дека сегашните мерки против ширење на коронавирусот не се доволни и дека постои опасност од преоптоварување на одделенијата за интензивна нега во болниците.
Меркел и нејзиниот шеф на кабинет Хелге Браун му се обратија на врвот на ЦДУ со драматичен апел дека секој ден е одлучувачки во борбата против коронавирусот.
Во моментов, бројот на новоинфицирани лица во Германија се удвојува неделно, што покажува дека мерките не се доволни и дека нема забавување на епидемиолошкиот развој. Меркел им рече на своите сопартијци дека земјата наскоро може да се соочи со тешка состојба во врска со слободните кревети на интензивна нега.
Во изминатите 24 часа, во Германија беа потврдени 11.409 нови случаи на коронавирус, а 42 лица починаа.
Ново на Сител
-
Едно лице загина во невремето што попладнево ја погоди Србија
-
Осуденик од затворот во Идризово ноќеска починал на Комплекс клиники „Мајка Тереза“
-
Тони Крос стави крај на кариерата
-
МЗ: Хируршките сали во Клиничкиот центар се враќаат во употреба
-
ЦУК: Околу Качаничка Клисура и Скопска Црна Гора значително нестабилна облачна маса
-
Во Кочани измамена 75-годишна жена за сума од околу 4.000 евра
-
Определен 30-дневен притвор за врховниот судија Наке Георгиев
-
Драма на автобуска постојка во Центар: Неколку лица претепале и ограбиле четири малолетници