Герасимовски со итни мерки од кризниот штаб за справување со ѓубрето во Центар, се мобилизираат и другите општини
Кандидатот за градоначалник на Центар, Горан Герасимовски ја замрзнува предизборната кампања за да се справи со ѓубрето во неговата општина. Денеска заседаваше кризниот штаб на Центар каде се одлучи сите вработени со општината и ПОЦ да бидат мобилизирани на решавање на овој проблем, поставување мали контејнери за отпад во густо населените места, ѓубрето наместо во Дрисла ќе се носи на посебен плац со мали камиони, па отаму ќе биде транспортиран во депонијата. Покрај вонредната дератизација на околу 1900 шахти, викендов ќе се спроведе итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките.
Во текот на ноќта се чистеше ѓубрето во општината од страна на нивните хигиеничари и градоначалникот.
Ѓубрето во Центар денеска го чистат и работници од Куманово откако кандидатот за Центар, Мирослав Лабудовиќ побарал помош од Максим Димитриевски.
И кандидатот за град Скопје, Орце Ѓоргиевски од утринава со службите чистат смет од контејнерите во Кисела Вода. Го повтори предизборното ветување, дека ќе го исчисти Скопје за 72 часа откако ќе стане градоначалник.
Но противкандидатот на Ѓоргиевски за Скопје, Амар Мециновиќ вината за хаосот со сметот ја гледа во Владата, која намерно ги оставила скопјани да се гушат во ѓубре пред избори, а кризна состојба можела да прогласи многу порано.
Кадрите на Мицкоцки се виновни за хаосот со ѓубрето, објави и се уште актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.
ЈП Комунална хигиена Скопје КХС по закон ја основа, за одлуки и согласности е надлежен СОВЕТОТ на Град Скопје (ВМРО/ВЛЕН).
Управниот одбор кој УПРАВУВА со КХС 4 години, е составен од членови ВМРО/ВЛЕН и е избран од Советот на град Скопје (ВМРО/ВЛЕН).
Ниту еднаш Советот на град Скопје чие мнозинство е на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН не презело мерки да се обезбедат услови за работење на КХС и да се разреши Управниот и Надзорниот одбор на претпријатието како што налага законот, пишува градоначалничката.
-
Тамара Дичоскa
Сите содржини од овој новинар